СОДРЖИНА НА СВЕТОТО ПРЕДАНИЕ

Според Св. Иринеј Лионски, апостолското Предание Го опфаќа Христа, односно Црквата и сите во неа:

епископите, Евхаристијата и Крштението,

правата и вистинска вера, даровите на Светиот Дух, црковниот и богослужбен поредок и организација,

со други зборови целокупниот христијански живот.

На сличен начин за содржината на Преданието зборува и Св. Атанасиј Велики.

Тој под предание подразбира

„Предание кое ни го даде Господ, кое Апостолите го проповедаа, а отците сочуваа“.

Така, Светото Предание го опфаќа сето она што ни е предадено од Господ Христос, учењето на апостолите и верата на Црквата. Св. Василиј Велики вели дека
„од догматите и проповедите кои ги чува Црквата, некои се наоѓаат во запишаните учења, а некои потекнуваат од апостолското Предание, кое ни е предадено во тајните.

Двете, и запишаното и незапишаното Предание, имаат иста сила во делата и побожноста“.

Св. Василиј, пак, Преданието и богослужбениот живот ги става во непосредна врска. Преданието, покрај литургиското исповедање на верата во Света Троица, според него ја вклучува и употребата на знакот на крстот во обредот на примање на катихумените, положбата при молитвите – вртењето кон Истокот, одрекувањето од сатаната и неговата власт, трикратното потопување во Крштението, стоењето простум за време на неделната богослужба, епиклезата во Евхаристијата, благословувањето на водата и елејот и др.

ЛИТУРГИСКИОТ ЖИВОТ – ВЕРНОСТ КОН ПРЕДАНИЕТО

Постојаноста на Преданието се остварува пред сѐ во литургискиот живот на Црквата. Таа ја сведочи вистината не според човечкото сеќавање, туку имајќи живо и непрестајно доживување на Светиот Дух.

Постојаноста на тоа доживување се објаснува со верноста кон Преданието, кое не е само верност кон историскиот Исус, туку кон Христа Кој ќе дојде на крајот од историјата.

Верноста кон Преданието е всушност верност кон новиот живот во Христа Кој им е предаден на апостолите преку Светиот Дух, потоа и на епископите, презвитерите, ѓаконите и на сите верни луѓе.

Светиот Дух ги воведува верните не само во времето на историскиот Христос и на првата Црква, туку пред сѐ во Идниот век покажувајќи Го Христа како Цар.

Ваквото доживување на Христа е возможно само во Евхаристијата и во останатите Свети Тајни, во кои го гледаме светот преобразен, го гледаме токму таков каков што ќе биде во Царството Божјо.

Да се биде доследен на Преданието тоа значи да се следи Христовото ветување за идното Царство, на кое нè потсетува и Апостолот Павле кога вели дека
„овде немаме постојан град, туку го бараме оној што ќе дојде“ (Евр. 13, 14).

Доследноста на Преданието се огледува пред сѐ, во верноста кон Вистината која ќе се открие во Второто Христово доаѓање.

Во овој век нашите духовни очи се замаглени од сенката на историските случувања, така што Вистината ја гледаме непотполно, т. е. ја гледаме како во огледало, како во загатки (1.Кор. 13, 12).

Да се живее според Преданието, тоа значи пророчки да се биде загледан во Идниот век, а не да се биде магиски прикован за минатото.

Верноста кон Преданието не смее да се сведе само на просто подражавање на минатите случувања од животот на Црквата. Вртењето кон минатото и носталгијата за минатото, го скаменува животот на Црквата, а живото Предание го преточува во конзервативна традиција или, пак, во свештена археологија.

Меѓутоа, тоа не значи дека животот според Преданието треба да го поистоветиме со бегањето од историјата и од овој свет, зашто животот во Црквата отсекогаш се одвивал во конкретно историско време и простор.

ВЕРНОСТА КОН ПРЕДАНИЕТО – ВЕРНОСТ КОН НОВИОТ ЖИВОТ

Смислата на Преданието најдобро ја предочуваат Христовите зборови упатени кон Апостолите, дека треба да живеат во овој свет, но да не се од светот (Јован, 15, 19).

Овие зборови можат во потполност да се применат врз Црквата, како носителка на апостолското Предание низ сите времиња.

Да се живее во согласност со Преданието, тоа значи не само да се биде ослободен од секаков вид на поробеност во минатото, туку и да се биде ослободен од сите ограничувања во сегашниот живот.

Мисијата на Црквата во светот се состои во тоа на луѓето да им отвори нови видици, да ги изведе од „бесмислата на светските збиднувања“ и да ги воведе во радоста на новиот живот, во кој Христос со Своето Воскресение ги воведе сите верни.

Ова е можно пред сѐ заради пророчкото и ослободително дејство на Светиот Дух, зашто Он ги прави луѓето причесници на Царството Божјо и жители на новото небо и новата земја (2. Петар, 3, 13).

Библиското Предание ова дело на Светиот Дух отсекогаш го доведувало во врска со остварувањето на Божјата Икономија во историјата, со доаѓањето на Есхатонот во овој свет и влегувањето на светот во Царството Божјо (Дап. 2, 1; Јоил 3, 1).

Предвкусот на тие настани и доаѓањето на Царството Божјо, верните го доживуваат во Светата Евхаристија во која се остварува средбата и заедницата на Бога со луѓето.

Тоа е содржината на Преданието кое Црквата го живееше во апостолско време, кое го живее денес, и кое ќе го живее во Идниот век.

Од сѐ што досега наведовме произлегува дека Светото Предание не е човечка традиција, ни повторување на обичаите, ниту, пак, просто човечко сеќавање, што упатува на фактот дека сѐ она што се случува во Црквата не потекнува од Апостолските времиња.

Тоа не значи дека на Апостолите нешто им било непознато, туку дека според потребите на верните во различни времиња, одреден вид на Преданието повеќе доаѓал до израз.

Меѓутоа, Црквата денес не ја познава вистината помалку или поинаку отколку што ја познавала во древноста. Вистината на Божественото Откровение не зависи од времето и таа е секогаш иста и непроменлива, а самото Предание е непрестајно живеење во таа Вистина.“

 

Св. Иринеј Лионски

Претходна статијаДесет идеални никогаш, никому и никого!
Следна статијаСтарец Нектариј за завидливоста!