ЖИВА ВЕРА

„И така, верата, ако нема дела, сама по себе е мртва.

Може некој да рече:

Ти имаш вера, а јас имам дела’.

Покажи ми ја верата своја без дела, а јас ќе ти ја покажам верата своја од моите дела. Ти веруваш дека Бог е еден; добро правиш; но и бесовите веруваат, а треперат.

Не сакаш ли да разбереш, о суетни човеку, дека верата без дела е мртва? Нели со дела се оправда Авраам, нашиот татко, откако врз жртвеникот го положи синот свој Исака?

Гледаш ли дека верата им помогна на делата негови, и дека преку делата верата стана совршена?
И се изврши Писмото, кое вели: ‘Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се прими како оправдание‘, и тој се нарече – пријател Божји.

Гледате ли дека човекот се оправдува со дела, а не само со вера? Оти, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва“ (види Јак. 2, 17-26).

Деца, нашата црковна, православна вера треба да биде реална, односно стварна, остварена, дури – материјализирана.

Нашата вера треба да е видлива од нашиот подвиг, од нашите дела, од севкупниот начин на нашиот живот.

Нашата вера треба да биде плодоносна,
таа треба да се восовршува преку делата кои произлегуваат од неа и да се претвори во знаење, во познание на Бог.

Со зборовите на светиот Апостол Јаков, нашата вера треба да биде жива, зашто „верата без дела е мртва“

.
Значи, секогаш кога ние го восогласуваме начинот на нашиот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме нашата вера од мртва станува жива.

Нашето црковно живеење треба да ја одразува нашата жива вера, треба да е сведоштво на воплотувањето на Синот Божји – Богочовекот Исус Христос, Кој рекол:

„Гладен бев и Ми дадовте да јадам;

жеден бев и Ме напоивте,

странец бев и Ме примивте;

необлечен бев и Ме облековте;

болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене. …

Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“ (види Матеј 25, 35-40).

Ако видите дека поминале неколку дена без да се случи да исполните некоја од овие заповеди, почнете сами да ги барате луѓето што на еден од овие начини страдаат, и помогнете им.

Затоа што, има уште полошо од мртва вера, а тоа е разовоплотена вера.

 

А знаете што се случува кога демонот се враќа и го наоѓа домот празен, изметен и уреден (види Матеј 12, 44).

Митрополит Струмички Наум  (2014)

Претходна статија+ НАМЕСТО ТОПЛА КАШИЧКА +
Следна статијаБЕСЕДА ЗА ТРИНАЕСЕТТА НЕДЕЛА ПО ПЕДЕСЕТНИЦА ПАРАБОЛА ЗА ЗЛИТЕ ЛОЗАРИ