Возљубени во Христа,
Прекрасен е Бог во делата на рацете Негови и ниеден збор не е доволен да ги воспее чудесата Негови!
По чудесната промисла Божја и по молитвите на светиот Георгиј Победоносец, изминативе месеци беше реновиран храмот на овој голем Христов маченик во село Врбјани.
Во храмот кој е изграден и живописан во 1605 година, беше изваден стариот под, се направи дренажа за заштита од влага и се постави нов под од камени плочи.
Се замени стариот иконостас од штици, со нов од длабока резба, според димензиите на старите икони.
Целосно се смени електричната инсталација и се постави ново соодветно осветлување. Се работи на поставување нов споменик, на гробот на отец Силјан Ристески, кој се наоѓа веднаш на јужната страна до храмот. Сето ова го врати стариот сјај на храмот.
А целосно се врати загубената богослужбена убавина во втората недела по Педесетница, на 30.06. 2019 година, кога неговото високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски, благовили и ја преосвети чесната трпеза на овој храмот, веднаш по чинот на преосветување беше отслужена и света Архиерејска Литургија.
Господ Бог, по молитвите на свети Георгиј, да го утврди ова светилиште во веки!