…Се случува човекот да живее мирно, ништо да не му се случува и тој како да пасе на полето на животот, чисти трева, не размислува за тоа дека над него е безграничното небо, не размислува за никаква опасност, убаво живее…
И одеднаш се случува нешто што му го свртува вниманието на тоа, дека не е се така едноставно. Тој одеднаш открива дека нешто не е во ред.
Како?
Ова се случува на многу различни начини. Се случува човек да направи некоја непозната постапка и веднаш ги виде нејзините последици.
Се сеќавам на едно момче што си мафташе со нож пред својата мала сестра и ја ослепе. Во тој момент одеднаш сфати што значи да се игра непромислено и неодговорно, со предмет каков што е ножот.
Оваа жена целиот живот остана слепа на едното око, но нејзиниот брат никогаш не го заборави тоа. Секако, не во смисла да се плаши да допре нож, но во смисла дека знаел, дека и најситните постапки можат трагично да завршат.
Се случува, исто така, мислата што не води кон покајание да не биде предизвикана од таков трагичен настан, туку одеднаш да слушнеме што мислат луѓето за нас.
Ние секогаш се замислуваме во убаво светло и кога луѓето не критикуваат, имаме тенденција да мислиме дека човекот, што не не гледа во такво преубаво светло, во кое ние се гледаме, греши.
Меѓутоа, одеднаш се случува да го слушнеме мислењето на другите луѓе за себе.
Ние мислевме дека сме јунаци, а сите мислат дека сме кукавици, мислевме дека сме беспрекорно вистинољубиви, а луѓето мислат дека сме лукави итн.
Доколку обратиме внимание на прашањето што сме си го поставиле, т.е.
„Кој сум јас?”, во истиот момент си го поставуваме и прашањето за тоа каков е нашиот животен повик (призив) Не зборувам за професијата, туку за тоа: каков човек можам да станам? Зар е можно да сум задоволен од себе? Дали можам да се надминам, да станам подобар?
Понекогаш се случува читањето на Евангелието, а не гласот на народот или на некој познат, да не натера да почнеме да размислуваме за себе. Читаме Евангелие и одеднаш гледаме каков може да биде човекот.
Го гледаме ликот Христов во сета Негова убавина или, во секој случај, во онолку убавина колку што сме способни да ја видиме. Почнуваме да се споредуваме со тоа и се свртуваме од себе кон нешто друго: или кон ликот Христов или кон тоа што мислат другите луѓе за нас.
И тука почнува судот над себе.
Во моментот кога почнува судот, почнува и покајанието. Тоа уште не е полнота на покајанието затоа што фактот дека човекот донесол правилен суд над себе, сеуште не значи дека ја чувствува сета своја повреденост поради гревот што го направил и поради она што, како грешник, е тој.
Понекогаш сфаќаме со главата дека би можеле, во некој поглед, да бидеме поинакви, но не можеме да го почувствуваме тоа со целото битие. Ќе ви наведам еден пример.
Пред многу години, дваесеттите години на овој век, се одржувал конгрес на руското студентско христијанско движење на кој учествувал еден исклучителен свештеник, отец Александар Јелчанинов, чии што дела некои од вас, веројатно ги читале зашто тие биле издадени во странство, а сега се издадени и во Русија.
Дошол кај него на исповед еден офицер и му рекол:
„Знаете што? Можам да ви ја изложам сета лага на својот живот, но ја сфаќам само со главата. Моето срце, притоа, останува потполно недопрено. Сеедно ми е.
Со главата сфаќам дека сето тоа е зло, а мојата душа никако не одговара со болка или со срам. И отец Александар направил исклучителна (несекојдневна) работа.
Му рекол: „Немојте да се исповедувате кај мене затоа што тоа е потполно залудно. Но утре, пред да почнам да служам литургија, излезете иред Царските двери и кога ќе се соберат сите кажете го ова, истото, што ми го рековте мене и исповедувајте се пред целото собрание.”
Офицерот се согласил на тоа затоа што чувствувал дека е мртов, дека нема живот во него, дека има само разум и глава, дека срцето му е мртво и животот во него згаснал.
Излегол и со чувство на ужас, мислел:
„Сега ќе почнам да зборувам и целото собрание ќе ми го сврти грбот. Сите ќе ме погледнат со ужас и ќе помислат: Мислевме дека е пристоен човек, а всушност е никаквец. И тоа не само никаквец, туку е и мртовец пред Бога.
Утредента станал, го совладал својот страв и ужас и почнал да зборува. И се случило нешто, што воопшто не го очекувал.
Во моментот кога рекол поради што застанал пред Царските двери, сите верници се свртеле кон него со сомилосна љубов. Почувствувал дека сите се отвориле кон него, дека ги рашириле своите раце, дека сите, со ужас, мислат на тоа како го боли и колку му е тешко и тој почнал да плаче и во солзи да ја изговара својата исповед.
За него почнал нов живот. Значи, тука допираме многу важен момент – самото покајание…
Ќе продолжи…