МОЛИТВА НА СВЕТИОТ И СЛАВЕН ПРОРОК БОЖЈИ ИЛИЈА
Моли Го за нас човекољубивиот Бог да ни дарува дух на покајание и простување на нашите гревови и со Својата силна благодат да ни помогне да го оставиме патот на безбожноста и да напредуваме во секое добро дело.
Да нé зајакне во борбата со нашите страсти и похоти и да всади во нашите срца дух на смиреност и кротост,
дух на братољубие и незлобие,
дух на трпеливост и мудрост,
дух на ревност за славата Божја и спасение на ближните.
Уништи ги со твоите молитви, пророку, лошите обичаи на луѓето, а особено погубниот и штетен дух на овој век, кој го зарази христијанскиот род со непочитување на боженствената православна вера, уставот на светата Црква и Господовите заповеди,
непочитување на родителите и повисоките власти, што ги фрла луѓето во бездната на безбожност, разврат и погубување.
Отстрани го од нас, прекрасен пророку, со твојата заштита праведниот Божји гнев и избави ги сите наши градови и села од суша и глад, од страшни бури и земјотреси,
од смртоносни рани и болести,
од непријателски напади и меѓусебни борби.
Измоли, пророку Божји, од Господа
за нашите пастири ревност кон Бога,
срдечна грижа за спасување на паствата,
мудрост во учењето и управувањето,
побожност и сила во искушенијата;
за судиите измоли
искреност и некористољубие,
правда и сожалување кон навредените;
за сите кои управуваат
– грижа за потчинетите, милост и праведност,
а за потчинетите – покорност и послушност кон властите и усрдно
исполнување на своите обврски,
па така сите да поживееме во овој век во мир и побожност, па да се удостоиме со учество во вековните блага во Царството на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, на Кого му припаѓа чест и поклонување, со беспочетниот Негов Отец и Пресветиот Дух во вековите на вековите.
Амин.