+ ЗА ДВЕТЕ ВЕРИ +

Во човекот постојат две вери.

Едната вера е рационална, односно тоа е прифаќање на верата со разумот.

Во овој случај човек прифаќа нешто со разумот и верува во тоа што го прифаќа.

Меѓутоа, ова не е верата која што ГО ОПРАВДУВА човекот.

Кога Светото Писмо вели дека човекот единствено се спасува преку верата – Еф. 2, 8, тогаш не ја подразбира верата како просто прифаќање.

Другата вера е СРДЕЧНА ВЕРА, односно, верата на СРЦЕТО, бидејќи оваа вера не постои во разумот, туку е во просторот на срцето.

Оваа вера е Божји дар, што значи дека човекот нема да ја прими доколку Бог не посака да му ја подари.

Во Евангелието, таткото на младиот човек кој што месечарел Го помолил Христос да му ја подари оваа вера, велејќи:

„Господи, помогни му на моето неверие“
(Мк 9,24).

Се разбира, тој верувал со разумот, но ја немал длабоката, внатрешна вера , која е Божји дар.

Меѓутоа, внатрешната вера произлегува од опитот на благодатта. Штом е опит на благодатта, тогаш што може за православниот да биде внатрешната вера?

Тоа е умствената молитва.

Според тоа, кога човекот ја има умствената молитва во своето срце, којашто е молитва на Светиот Дух, тогаш ја има и внатрешната вера и преку верата со посредство на молитвата гледа невидливи нешта.

Затоа, кога ќе се случи видение од таков вид, тоа се нарекува – СОЗЕРЦАНИЕ.

Созерцанието значи – гледање.

Созерцанието се случува на два начини:

Прво, со молитва на Светиот Дух во срцето, кога човекот се` уште нема достигнато обожение, при што може да созерцува и созерцува, но, со посредство на молитвата.

Второ, со обожението, при коешто се УКИНУВА оваа вера како и надежта, а останува само љубовта од Бога како Божји дар.

Впрочем, на тоа мисли Апостол Павле кога вели:

„ Кога ќе дојде совршеното, тогаш делумното ќе исчезне“
(1 Кор. 13,10 и 13, 13).

Кога ќе дојде совршеното , тогаш се укинуваат верата и надежта, а останува само ЉУБОВТА.

А таа љубов е обожението.

При обожението се укинува знаењето,

се укинува пророштвото,

запира јазикот, кој всушност е умствената молитва,

и останува само – ЉУБОВТА.

Апостол Павле го вели ова многу јасно и убаво, а отците на Црквата многу точно ги толкуваат овие нешта.

Подготви Мина Дaниловска

Пренесено од книгата „Светоотечко богословие“ од Протопрезвитер Јован Романидис од стр. (50 – 52)

Претходна статијаГосподи, научи ме да се молам !
Следна статијаКАКВА ТРЕБА ДА БИДЕ ЖЕНАТА ХРИСТИЈАНКА?