Ангели сослужители
Потоа го прашав што виде кога почна Божествената Литургуја. Тој ми рече, штом служителот рекол:
– Благословено е Царството, видел оган како слегува од небото и го покрива жртвеникот и свештеникот, а дека тој ништо не почувствувал.
Подоцна, кога народот почнал да ја пее Трисветата песна, четири ангели слегле и пееле заедно со нив.
При читањето на Апостолот се појавил блажениот Павле да го упатува чтецот.
На Алилуја, по завршувањето на Апостолот, соединетите гласови на народот се вознесувале на небото како некоја огнена, цврсто исплетена бројаница.
А на Евангелието, зборовите излегувале еден по еден како пламен од устата на свештеникот и се вознесувале на небесата.
Малку пред Входот на чесните дарови, светителот одненадеж видел како небото се отвора и од него се излива некое неискажливо и неземно благоухание.
Ангелите слегувале од висините, пеејќи химни и славословејќи го Јагнето, Помазаникот и Синот Божји. И тогаш се појавил пречистиот и мил Младенец!
На рацете Го држеле ангели, кои Го донеле и Го положиле на светиот дискус, на кој се наоѓале чесните дарови.
Околу Него се собрале во бело облечени пресветли момчиња кои со восхитување и трепет ја набљудувале Неговата божествена убавина.
Дошол и часот на Големиот Вход.
Служителот се приближил да ги земе во рацете светиот дискус и светиот путир, ги подигнал и ги положил на својата глава, подигајќи го заедно со нив и Детето.
Штом светињата излегла, и додека народот со умиление пеел, светителот ги видел ангелите како летајќи со крилјата над главата на служителот, како два Херувима и два Серафима одат пред него, а безброј други ангели го опкружуваат, пеејќи со радост неискажливо славословие.
Божественото тајновидство продолжило. Народот изговорил “Верувам”, и дошол моментот на осветувањето на чесните дарови. Служителот ги благословил и рекол:
Претворајќи ги со Светиот Твој Дух. Амин, амин, амин.
Тогаш праведникот видел ангел како го подига мечот и го коли Младенецот.
Неговата Крв го полнела светиот путир, додека Божественото Тело го расекол и го сместил на дискосот.
Потоа повторно се повлекол на своето место и застанал скромно и побожно.
Кога служителот го подигнал Светиот Леб, повикувајќи: Светињата на светиите, народот пеел:
Еден е Свет, Еден е Господ…, некој од собраните се свртел и тивко го запрашал светителот:
– Зошто, оче, свештеникот вели: Светињата на светиите?
– За сите нас тој тоа го вели, дете мое. Тоа значи: кон светите христови тајни нека пристапи оној кој е свет!
А другиот брат, кој бил неук, го запрашал:
– А што е светост, оче?
– Тоа значи следното… Ако си развратен, немој да се осудуваш да станеш учесник на големите тајни.
Ако си во непријателство со кој било, не пристапувај.
Ако исмеваш или пцуеш и го осудуваш својот ближен, стој подалеку од Божествената причест.
Во тој момент веќе служителот рекол: … Пристапете!
Тогаш светителот ги набљудувал оние што се причестувале. Лицата на некои поцрнувале штом ќе ги примеле Божествените Тајни.
А лицата на другите блескале како сонцето! Блажениот почнал да воздивнува и да врти со главата.
Ангелите стоеле покрај путирот и со почит го следеле причестувањето. Кога се причестувал некој благочестив, тие на главата му полагале венец.
А кога, напротив, му приоѓал некој грешник, тие ја свртувале главата со очигледното гнасење.
Тогаш непорочните тајни како да исчезнувале од светата лажичка, така што изгледало како грешникот да не ги примаво себе Телото и Крвта Христова. Со Божја осуда изобразен по лицето, тој заминувал поцрнет!
Кога Литургијата завршила и свештеникот го изговорил отпустот, повторно се појавил Младенецот на рацете на светите ангели и како покривот на рамот да се разделил на половина.
Оттаму ангелите го изнесле Детето на небесата со химни и славословење, додека чудесното благоухание се уште се излевало наоколу.
Тоа било она што праведникот го видел во црквата и тоа што ми го раскажа по патот, додека се враќавме во нашата ќелија.
Бог навистина му откри многу тајни, кои ако се запишуваат поединечно, како што вели Евангелието, не би можеле да се сместатво целиот свет напишаните книги
(Јн 21,25).
Извадок од книгата “Свети Нифонт – подвижник меѓу епископите”