Книга Мудрост Соломонова

2. Животот во очите на безбожникот.

1.Оној што мисли неправилно, вака мудрува во себеси: краток и жалосен е нашиот живот – човекот не може да се избави од смртта; уште никој не познава таков човек, што ослободил некого од пеколот.

2.Случајно сме родени, а потоа ќе биде како воопшто да не сме биле; дим е она што го дишеме, а зборот – искра во движењето на нашето срце.

3. Кога душата изгасне, во прав ќе се претвори телото, а духот ќе се загуби како редок воздух;

4.со време ќе се заборави и нашето име, никој нема да си спомне за делата наши; животот наш ќе помине како трага од облак, ќе разијде како магла гонета од зраците на сонцето и отежната од неговата топлина.

5.Зашто нашиот живот е како сенка кога ќе помине, од смртта за нас нема враќање: печатот е ставен и никој не се враќа.

6.Затоа да се насладуваме од сегашните добра; да брзаме да се насладуваме со овој свет, како и со младоста;

7.да се овенчаме со скапоценото вино и со мирисите; пролетниот цвет на животот да не одмине покрај нас;

8.да се овенчаме со ружи, пред ружите да свенат;

9.никој од нас да не се лишува од учеството во нашата наслада, секаде да оставиме траги од нашата радост: тоа е нашиот дел и нашето наследсво.

10.Да притеснуваме сиромав праведник, да не жалиме вдовици, да не почитуваме старец, ни неговите многугодишни бели коси.

11.Силата наша да биде закон на правдата, зашто она што е слабо – за ништо не е.

12.Да поставиме стапици за праведникот, зашто тој ни пречи и се противи на делата наши; нè прекорува за гревовите против Законот, нè хули за нашите гревови и за нашето воспитание;

13.се фали дека го познава Бога, син на Господа се нарекува.

14.Кога е пред нас – тој е прекор на нашите помисли.

15.Тешко ни е да го гледаме; неговиот живот не е како животот на другите и патиштата негови се различни од нашите;

16.за гадотија нè смета и бега како од нечистотија од нашите патишта; блажен го нарекува крајот на праведниците, се фали и Бога татко свој Го нарекува.

17.Да видиме дали се вистински неговите зборови, да испитаме каков ќе биде неговиот крај;

18.зашто, ако тој праведник е син Божји, него Бог ќе го заштити и ќе го избави од раката на непријателите.

19.

20.Да го осудиме на срамна смрт, зашто, според неговите зборови, имало кој да се грижи за него.

21.Така умуваа тие, но се измамија, зашто злобта нивна ги беше заслепила;

22.тие не ги познаа тајните Божји, не чекаа награда за светост и не веруваа во наградите за чистите души.

23.Бог го создаде човекот за вечност и го направи слика на Своето вечно битие;

24.но поради завист од ѓаволот смртта влезе во овој свет, а неа ја доживуваат оние што му припаѓаат.

3. Блаженството на праведниците

1.А душите на праведниците се во Божја рака; до нив нема да се допре никаква мака.

2. Во очите на нерзумните, тие се како умрени, а нивниот крај се сметаше за пропаст;

3. и тоа што тие заминуваат од нас – како уништување, но тие живеат во мир.

4.Зашто иако во очите на луѓето и да се накажуваат, надежта нивна полна е со бесмртност.

5.Бидејќи малку казнети, тие ќе добијат големи блага, зашто Господ ги испитал и ги нашол достојни за Себеси.

6.Он ги проверил како злато во печка и ги примил како најсовршена жртва.

7.Во времето на воскреснувањето, тие ќе светкаат како искри меѓу гранки.

8.На племиња ќе им судат, над народи ќе владеат, а над нив Господ ќе царува довека.

9.Оние што се надеваат на Него, ќе ја познаат вистината, а кои Му се верни во љубовта – ќе живеат во Него, зашто Он има милост и милосрдност за Своите светии и промисла – за Своите избраници.

10. А безбожниците ќе бидат казнети за своите мисли; затоа што ги презреа праведниците и што отстапија од Господа.

11.Оти оние што ја презираат мудроста и поуката – несреќни се и надежта нивна е празна, и трудовите – бесплодни, а делата некорисни.

12.Нивните жени се неразумни, а децата лоши; проколнат е нивниот дом.

13.Блазе на неродилка, која не се осквернила, која не познала незаконска постела; таа ќе добие плод – кога светите души ќе бидат наградувани.

14.Блазе на евнух, кој не направил беззаконие со рака и не помислил ништо лошо против Господа; за неговата вера ќе му биде дадена посебна благодат и најпријатен дел во храмот на Господа.

15.Плодот на добрите трудови е славен, а коренот на мудроста е неподвижен.

16.Децата на прељубниците ќе бидат несовршени, а плодот на беззаконата постела пропаѓа.

17.Макар биле и договечни, за ништо нема да ги сметаат; нивната длабока старост ќе биде без почит.

18.А ако умрат рано, нема надеж, ниту имаат утеха за судниот ден;

19.зашто страшен е крајот на грешниот род.

Подготви  – Светланка Трајчева

Претходна статијаЗА ПРЕЛЕСТА (…заради неопитност или заради горделивост)
Следна статијаДури и рак да имаме …(`Дај ми го она што го сака Твојата љубов`- С. Порфириј)