Потоа пак им се јави Исус на учениците Свои кај Тиверијадското Море. А тоа се случи вака:
2. Беа заедно Симон Петар и Тома, кого го викаа Близнак, и Натанаил од Кана Галилејска, и Заведеевите синови, и двајца други од учениците Негови.
3. Симон Петар им рече: „Ќе одам да ловам риба.” Му рекоа: „И ние ќе дојдеме со тебе.” Тогаш излегоа и веднаш влегоа во кораб, но таа ноќ ништо не уловија.
4. А кога се раздени, застана Исус на брегот, само учениците не Го познаа дека е Исус.
5. Исус им рече: „Деца, имате ли нешто за јадење?” Му одговорија: „Не.”
6. А Он им рече: <Фрлете ја мрежата од десната страна на коработ и ќе најдете!”
Ја фрлија, и не можеа веќе да ја извлечат од многу риби.
7. Тогаш ученикот, што го сакаше Исус, му рече на Петра: „Господ е.”
А Симон Петар, штом чу дека е Господ, си ја препаша облеката – оти беше необлечен, и се фрли во морето.
8. А другите ученици, влечејќи ја мрежата со риби, дојдоа со кораб, оти не беа далеку од брегот, но само околу двесте лакти.
9. Кога пак излегоа на земјата, видоа накладен оган, и на него ставена риба и леб.
10. Исус им рече: „Донесете од рибите што ги уловивте сега!”
11. А Симон Петар влезе и ја извлече мрежата на земја, полна со крупни риби, на број сто педесет и три; и макар што беа толку многу, мрежата не се скина.
(Подготви Светланка Трајчева)