ЗОШТО ТРЕБА ДА ОДАМ ВО ХРАМОТ …(извадок од Андреј Кураев)
И така, вие што тврдите дека во вас „Бог е во душата“ – што сте направиле за да ја очистите својата душа за толку прекрасна Посета?
Како и со кое име Го повикавте?
Како Го задржувате во себе?
Што се сменило во вас од таа Средба?
Го засакавте ли Оној, Кого што го сретнавте?
И што вие правите за таа љубов?
Ако овие зборови предизвикуваат кај вас недоумение и молчење – барем не се сметајте себеси за некој што ги надминува оние коишто прават нешто за да пребиваат со Бога!
Вие кои вечно стоите, не презирајте ги оние што одат, макар тие притоа и да се спрепнуваат!
Такви прашања може да им се зададат на оние коишто својата мрзливост ја оправдуваат со својата фиктивна „духовност“.
Но, и ние самите треба да знаеме – зошто ние воопшто одиме во храмот?
Да ги ислушаме проповедите? За таа цел, денес можеме да користиме и радио-приемник.
Да се помолиме? Но, човек може да се моли секаде и во секое време.
Згора на тоа, советот на апостолот гласи: „Молете се постојано“.
Да принесеме жртва? Денес и на улиците има доволно питачи.
Да дадеме список со имиња на починатите? Тој список можеме да го испратиме и по некој познат.
Да запалиме свеќа? Неа можеме да ја запалиме и пред домашната икона.
Па, зошто тогаш одиме во храмот?
Некои луѓе велат дека, доколку сакаат да се помолат, заминуваат во шума, покрај река, или на море и таму, во Богосоздадениот Храм, им е полесно да го почувствуваат величието на Творецот и да Го прославуваат.
Зошто, велат тие, наместо во бескрајниот Храм, да влегуваме под тесните сводови на ракотворениот храм?
За да може христијанинот да Му принесе жртва на Бога, не му е потребно да оди во храм.
Но во религијата не постои само она што ние го даваме. Поважно е она што ние го добиваме.
Зошто ние го бараме Бога. Важно е зошто Тој нас нè бара.
Зошто ние одиме во храмот и со молба Му се обраќаме на Бога – е добро познато.
Ние сме склони во Бога да гледаме генератор на хуманитарна помош:
„Дај ни Господи повеќе здравје, повеќе успех и повеќе пари!…“
Премногу често го бараме Господа, според зборовите на светителот Димитриј Ростовски, „не заради Исуса, туку заради лебот“.
А зошто Бог нè бара нас? Тој сака да земе нешто од нас? Или да ни даде нешто?
Зошто повикува Неговото Слово: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11:28)?
Нема во него продолжение во стилот: „за да Ми дадете тоа и тоа…“
Со други зборови завршува овој повик; тоа говори за тоа што Бог прави за оние што одговориле на повикот: „и Јас ќе ве успокојам … и ќе најдете мир за душите ваши.“
И така, Бог нè повикува кон Себе за да ни даде нешто. Што?
Знаење: „Научете се од Мене“…
Дух – „Примете од Мојот Дух“…
Љубов, мир и радост – „Бидете во Мојата љубов…
Мирот мој ви го давам … Радоста Моја да остане во вас“…
Но Христос ни дава и уште нешто, незамисливо:
„Бидете во Мене, и Јас ќе бидам во вас…!!!
Пијте од неа сите, зашто ова е Мојата крв… која се пролива за мнозина…”.
Христос Сиот им се предава на луѓето.
И Својата божественост, и Својата човечност.
Во современата медицина постои ваква процедура: на болен човек му се дава, преработена, неговата сопствена крв. Од неговото тело се испушта крвта, се очистува од одредени штетни примеси и се обогатува со оние компоненети коишто организмот на болниот веќе не може самиот да ги создава во доволно количество.
И така, очистена и збогатена, крвта повторно се враќа во телото на човекот. Нешто слично се случува и во нашиот однос со Христос.
Тој ја прима во Себе нашата природа, падната во состојба на пропадливост, ја исцелува во Себе, ја наситува со Божественост, со Вечност, со Бесмртност, и Своето човечко Тело, веќе поминато низ смрт и воскресение, ни го враќа.
Својата човечка крв, наситена со Божествени токови, ја влева во нас за ние во себе да го носиме зачетокот на Воскресението и да бидеме причесници на вечноста.
И така, ние одиме во храмот за да добиеме нешто во него. Храмот – тоа се ѕидови подигнати околу Таинството на Причеста.
Тоа таинство, пак, е во тоа што кон луѓето е протегната раката со Дарови. Затоа одењето во храм не претставува тешка обврска, туку прекрасна привилегија.
Нам ни е дадено право да станеме соучесници во Тајната вечера.
Нам ни е дадена можноста да станеме „причесници на Божествената природа“.
Нам ни е дадена можноста да се допреме до онаа енергија којашто не е во состојба да ја произведе ниту една ценртала на земјата.
Бог нè барал. И нè нашол. Ние, едноставно, треба да појдеме и да застанеме на такво место на кое Бог им приоѓа најблиску до луѓето, на такво место на кое Самиот Тој им ги дава даровите на луѓето.
Ако Христос Чашата со причеста ни ја дава преку Царската врата во храмот – треба ли ние да ја вртиме главата на страна и да велиме: „Бог е во мене, во душата“?
Христос рекол каде нè очекува и што сака да ни даде. Тој, Вечниот, сака со нас да се сретне и да се соедини во таквиот живот – за да во идниот, вечен наш живот не останеме вечно сами.
Оние што велат дека нив не им е потребен посредник во нивниот однос со Бога, не разбираат дека нив во храмот ги чека оној Посредник Кој наместо нив еднаш ја принел жртвата и ги ослободил луѓето од потребата нешто да разрушуваат во светот и со плодовите на разрушувањето да ги хранат боговите.
Зарем е толку тешко да ги раширите своите раце за да во нив Бог ги положи Своите Дарови“.
Подготви: д-р Драган Михајловиќ (извадок од Андреј Кураев – МПЦ ОА)