Дома Духовност По што се препознава православната икона на Пресвета Богородица!?

По што се препознава православната икона на Пресвета Богородица!?

0
1510

ВЛАДИКА НИКОЛАЈ МИСИОНEРСКИ ПИСМА

На сликарот Павле И. кој прашува:

По што се препознава православната икона на Пресвета Богородица

Ми приложи со писмото една женска слика која што во народот се растура под името на Пресветата Богородица.

Сликата претставува една млада, весела жена, со испуштена коса преку рамениците, со дебело лице, со накaрминисани усни, со шарен фустан.

Без дете во рацете.

И самиот си увидел дека тоа е неправославен лик на Богомајката, но прашуваш:
како најлесно човек да го препознае Нејзиниот православен лик?

Најбрзиот знак на распознавање на Богородичната икона се трите ѕвезди: една, над челото, втората на десното раме, а третата на левото рамо..

Тие три ѕвезди ја означуваат девственоста на Дева Марија пред породувањето, во текот на породувањето и после породувањето.

Потоа, според бојата на облеката. Како правило, облеката на Богомајката се насликува во три главни бои: во златна, црвена, и сина.

Долниот фустан е син, а горниот црвен и двата проткаени и украсени со злато.

Златната боја ја означува бесмртноста,

црвената – славата и господството,

а сината – небесата.

Тоа значи: облечена е во бесмртна слава на небесата – Таа, некогашната страдалничка и слугинка Господова на земјата.

Лицето на Пресветата Богородица на православните икони никогаш не е полно и округло, туку долгњавесто и средно слабо.

Очите големи и замислени.

Тивка тага, спремна на утешна насмевка; тага заради неволјите во светот, а насмевката заради надевањето во Бог Утешителот.

Но и тагата и насмевката се воздржани, се` е подвластено на духот.

Тоа е лице на победничка која ги преживеала сите горчини и болки и јадови, та може да им помогне на оние кои се борат со болката и јадот.

Косата и е секогаш во потполност сокриена.

За лицето на Богородица никогаш не се вели дека е природно убаво.

Тоа е такво што ја отфрла секоја помисла на телесното.

Тоа Лице е со натприродна убавина која не се прикажува поинаку, освен низ светост.

Тоа ги свртува мислите на гледачот на возвишената духовна вистина и на убавината на душата.

Главата на Богомајката благо е навалена спрема младенецот Хростос Кого Таа го држи на градите.

Тој благ наклон означува покорност на волјата Божја во се` што Таа некогаш и со зборови го искажала на благовесникот Гаврил говорејќи:

Еве ја служавката Господова, нека ми биде по зборовите Твои. Уште означува признание поголемо од Себе на Оној кого Таа го држи на раце.

На Православните икони , Богомајката ретко се насликува без детето Исус.

А кога се слика сама, таа од уметникот се замислува како мајка на болката под крстот со раце прекрстени и наведната глава, понекогаш уште и со симболични мечови усмерени кон нејзиното срце.

Но, срцето никогаш не се слика за да се види.

Најчеста е сепак, иконата со Синот во рацете.

Таа се јавила во светот заради Синот.

Нејзината мисија во светот била во нејзиниот Син.

Никогаш и никој да не гледа во Неа жена, но секогаш и за секогаш мајка.

Таа претставува највозвишеното, најчистото и најсветлото мајчинство од крајот до крајот на времињата.

Таа е Мајка на нашиот Господ Исус Христос, но таа е и наша мајка, утешителка и брза помошничка .

И тебе за навек нека ти биде утеха и помош.

ВЛАДИКА НИКОЛАЈ МИСИОНАРСКА ПИСМА

(превод Мина Даниловска)