Николај Бердјаев

ЗА ДОСТОИНСТВОТО НА ХРИСТИЈАНСТВОТО И НЕДОСТОИНСТВОТО НА ХРИСТИЈАНИТЕ

Нашите современици, веќе многу далеку од Христијанството, често мислат, дека христијанската Црква треба да се состои од совршени луѓе, од светители, и ја осудуваат затоа што во неа има грешни, несовршени, лоши христијани.

Тоа е најексплоатираниот аргумент против Христијанството. Но, тука недостасува разбирање за суштината на Црквата. Таа постои пред сѐ и токму за грешните, за несовршените, за смртните.

Црквата секогаш снисходи во грешниот свет и дејствува среде стихиите на светот, среде потонатите во гревот. Црквата е небесна по својот происход, и вечна во својот темел, но дејствува на земјата и во времето.

Таа не стои во висините, далеку од грешниот свет, којшто се грчи во маки. Таа треба да му помогне пред сѐ на тој свет, да го спаси за вечен живот, да го воздигне кон небесата.

Суштината на Христијанството е во соединувањето на вечноста и времето, на небесата и земјата, на божественото и човечкото, а не во одделувањето од времето, од земјата, од човечкото.

Временото, човечкото, не треба да се одречува и отфрла, туку да се просветлува и преобразува. Во првите векови на Христијанството имало една секта, таканаречени монтанисти, коишто тврделе, дека Црквата била заедница на луѓе што ги примиле особените дарови на Светиот Дух.

На тој начин поголемиот дел од грешното христијанско човештво останувало надвор од Црквата. Вистинското црковно сознание го осудило монтанизмот, и го утврдило сфаќањето за Црквата како заедница на грешни кои се спасуваат.

Светиите се ограда и поддршка на Црквата, без таа да се состои исклучиво од нив. Неа ѝ принадлежи човештвото, коешто се спасува од своите гревови, во сите степени на неговото усовршување.

Црквата на земјата е Црква којашто војува, којашто се бори со злото и гревот, и уште не е прославена. Самиот Христос одел помеѓу митарите и грешниците, заради што и Го осудувале фарисеите, а Црквата Христова треба да Му подобува на Христа.

Таа не може да биде само со чистите и совршените, таа треба да биде најмногу со паднатите. Христијанството, коешто би ги признавало само чистите и совршените, би било фарисејско христијанство.

Состраданието, снисходењето, милосрдието – кон ближните натрупани со гревови и несовршенства, е дело на христијанска љубов, барање на христијанско совршенство. Да се осудува Христијанството за онаа земна кал, којашто се прилепила за Црквата, во нејзиниот историски од, е фарисејство.

А, одвај и тие што ја осудуваат да се така чисти и совршени.

Монтанизмот е пример за лажен максимализам во Христијанството. А, таквиот максимализам има нехристијанска природа и е пројава на духовна гордост, на недостиг на љубов, на лажен морализам.

Измамата на максимализмот се состои во тоа, што поставуваме максимални побарувања, не кон себеси, туку кон другите. Ги осудуваме другите за тоа, што не пројавуваат максимална чистота, совршенство, светост, а самите не се заземеме да ја оствариме таа максимална чистота, совршенство, светост.

Оние, кои навистина постигнале максимално совршенство и светост, не ги осудуваат другите. Светите старци се мошне снисходливи кон луѓето. Човекот треба да поставува максимални изискувања пред сѐ кон себеси, а не кон останатите.

Да се поставуваат максимални изискувања кон другите е обично лицемерие и фарисејство. Христијанството е религија на љубовта и како таква ги обединува суровоста, строгоста, максималните изискувања (пред сѐ кон себеси), со снисходењето, милосрдието, мекоста (во односот кон ближните).

Оние, пак, коишто го осудуваат Христијанството врз основа на гревовите на христијаните, дури и самите не се обидуват да ги остварат неговите врвни побарувања.

За нашите современици тоа осудување е само повод да ја изразат нивната омраза кон Христијанството, и е оправдување за нивното предавство кон него. Тие се прикриват зад лажен морализам.

Изворː ДОМОСТРОЈ

Претходна статијаЗОШТО СО МИТНИЦИТЕ ЈАДЕ И ПИЕ ? (Никој не треба да заборави дека е грешен и болен!)
Следна статијаЗНАЕШ ЛИ, ДЕТЕ МОЕ …?