О, зар не им е лесно на сите, зар сите не се способни за ова воздржување од храна?!
Оброците нека бидат во согласност со постот, за ни оној, кој умерено се воздржува од храна и умерено јаде да не биде многу позади оној, кој гладува.
Ти, можеби, се грижиш за телото и го избегнуваш постот мислејќи дека тој те исцрпува? Напротив!
Токму прејадувањето предизвикува болки во коските, главоболка и други болести додека постот е мајка на здравјето.
Покрај тоа, против своето тело не греши само блудниот, туку и ненаситниот, бидејќи го прави телото слабо и болно.
Бидејќи невоздржанието се пројавува низ сите сетила, тогаш на сите нив ќе им наложиме воздржание.
Ако постиш во поглед на храната, а очите те наведуваат на прељуба во скриените одаи на душата, на радозналост и на клевета, ако ушите те наведуваат да слушаш навреди, лоши песни и злобни дошепнувања, ако и со останатите сетила се изложуваш на работи кои ти штетат на нивен својствен начин, тогаш каква е користа од постот?
Се разбира, никаква!
Ти, на пример, бегаш од едно зло, но со посредство на сетилата отвораш влез за оние другите.
Ние сме составени од душа и тело; ние, значи, немаме само тело, туку и душа која се состои од повеќе делови (бидејќи таа има хранителен, желбен, волев и разумен дел).
Заради тоа, вистински е само оној пост кој се однесува на сите, кој сѐ чисти и сѐ исцелува.
Исцелувањето на душата со постот е слатко и човекољубиво, поради што нашите Отци заради нас и го воспоставиле во овие денови.
Значи, ако неразумно се однесуваме кон постот, нѐ очекуваат пеколни маки, отсекување и горење, бидејќи Христос неисцелените ќе ги отсече и предаде во неугасливиот оган на вечна казна.
И како што некогаш не сме постеле во Рајот, па сме биле протерани во овој многустрадален живот, така и сега, ако не постиме и ако, согласно своите сили, не живееме во воздржание, ќе бидеме фрлени во неугаслив и неподнослив пекол…
Браќа, да дојдеме со посредство на прекрасни дела до даровите на постот и добрите дарови на воздржанието; со добрите дела да ја потврдиме својата добра волја кон нив (постот и воздржанието).
На дело да покажеме какви плодови донесуваат тие, бидејќи дрвото по плодот се познава. Меѓутоа, земјоделецот што се труди, прв треба да вкуси од плодот. Разбери што зборувам (2. Тим. 2, 6-7), вели апостолот.
Така секоја добродетел ги чисти и украсува или душата, или телото, поточно кажано – само некој дел од душата или телото.
Да речеме, молитвата и знаењето го украсуваат и чистат умот, кроткоста го зауздува гневот, целомудреноста (чистотата) ја гаси лакомоста.
Постот и воздржувањето го смируваат бунтот на телото, лудоста на гневот и ја смируваат страсната желба, создавајќи во умот чисто и ведро небо без ниту едено облаче и ја чистат душата од испарувањата кои се јавуваат како резултат на прејадувањето и затемнувањето кое оттаму доаѓа.
Благодарејќи на постот и воздржанието, надворешниот човек копнее, а во согласност со тоа колку тој копнее, внатрешниот човек се обновува, ако што вели аостолот.
Некој кажал дека преполниот желудник не раѓа истенчен ум; според тоа, сразмерно на тоа колку човекот станува истенчен со помош на постот и воздржанието, толку истенчен (просветлен) станува и неговиот ум…“