Имам прашање до свештеникот, или до некоја монахиња, ако прашањето е неприкладно да се поставува на свештеникот.
Непосредно пред „оние денови од месецот“, сум падната во тешки искушенија, ме напаѓа очајание, станувам физички немоќна, целото тело ме боли, но психолошките страдања се најстрашното нешто.
Умот ми е многу „заматен“, духот паднат, ништо во животот ми нема смисла, расположението ми е очајно и тажно, плачам и по 10 саати без престан мислејќи дека за мене и моите гревови нема Божја милост да има, се плашам од тешки вечни маки, чувствувам дека ова ми е „Божја казна“, едноставно се осеќам ко да сум друга личност.
Не знам како да објаснам што ми се случува во тие денови, само знам дека чувството е како пекол на земјата.
Се обидувам да најдам утеха и милост во читање на Светото Писмо, но верувајте, вратите ми се комплетно затворени во тие денови, ништо не разбирам, една комплетна дисфорија, да и наједноставна реченица од Светото Писмо не влегува во мене.
Не од што не сакам или од што не се обидувам, туку од што мозокот ми е ко „блокиран“.
Штом овие денови поминат, умот ми е нормален повторно, повторно можам да разбирам, да се молам, покајанието ми доаѓа, пак се гледам себеси ко грешник, ама без очајание, со надеж дека ќе се изменам и со барање помош од Христос.
Што се случува во деновите од месецот со жените?
Единствено добро од сево ова, е што благодарение на макиве, слушам монаси од манастирот Подмајне и нивните беседи со часови и така некако учам и се спасувам.
Ова е циклично, секој месец, без промашување.
Ми влијае на целиот живот, се расправам со сите, па почнав да се борам на начин што решив дека ќе заќутам и нема да зборувам со никого во овие денови оти не сакам да влегувам во конфликти, во расправии со ближните и уште толку да си калемам гревови на својата душа и совест.
Ама сите забележуваат, дека сум „друг човек“ зашто молчам и сум затворена за било каква комуникација. Штом помине овој период, старата јас се враќа.
Помош ве молам!
Одговор – Отец Горан
Исповед што побргу, оти на своја рака не можеме да си помогнеме, само ќе талкаме иако ќе мислиме дека ќе добиеме некоја утеха за кратко.
Божја казна нема, оти секој грев може да биде простен, доколку се исповеда и не се повторува.
Што и да сториме мора на себе да си простиме, со себе да се смириме, да се исповедаме, да ставиме еден почеток кон кој и Бог те води за да започнеш низ животот во црквата преку литургијата да проделува поцелосно благодатта Божја која нѐ исцелува.
Без светите тајни, исповед, пост, молитва, литургија и причест што и да гледаме, читаме и дури да се молиме е само своеглав неблагословен начин.
Затоа направете го тој чекор, спомнавте монахињи, монаси, појдете во некој манастир ако сакате да отпочнете разговор како да го направите тој исчекор.