Спознај се себеси (10.11.2011)
За секого од нас, полесно е да се интересира за туѓото, отколку да се загледа во сопственото. За да не се случува тоа со нас, речено е:
престани усрдно да ги набљудуваш пороците на другите, не давај работа на својот разум во испитување на туѓи слабости, но запри на себеси, т.е. заврти го своето душевно око за лично испитување на самиот себеси!
Проникни во себеси, спознај се, т.е. запри се не врз тоа што е твое и што е околу тебе, но врз самиот себеси: зашто едно сме ние, друго е тоа што ни припаѓа, сосема друго е она што е околу нас.
Душа и ум – тоа сме ние, доколку сме создадени по образ на Создателот; телото и преку него пројавуваните чувства – тоа е наше; околу нас пак – имоти, искуства и разни други потреби за животот.
Што сакам да кажам со ова?
Не се концентрирај врз телото; не трчај со сета сила по телесните богатства, како на пример, здравје, убавина, наслада, задоволство и долговечност; не го почитувај за големо тоа што служи за времениот живот.
Во грижите над него не биди небрежен за поценетото во твојот живот:
спознај се себеси, т.е. својата душа!
За неа грижи се; неа украсувај ја, та со својата будност да спречиш секаква нечистота на порокот; да ја очистиш од секаков срам и грев;
да ја просветиш и украсиш со секаква красота на добродетелите.
Иследувај се сам себеси – кој си ти?
Спознај ја својата природа – спознај дека телото ти е смртно, а душата ти е бесмртна, дека нашиот живот е двоен – дека едното припаѓа на телото и е преодно, а другото е сродно на Духот и не знае за граници.
Спознај се себеси и не се запирај на смртното како на вечно, ниту, пак, презирај го вечното како времено.
Не се вовлекувај во плотта, зашто таа е гнилежна – грижи се за душата, зашто е бесмртно суштество. Со секакво усрдие проникнувај сам во себеси, за да умееш да го додадеш полезното на едната и на другата страна: на плотта – прехрана и покривка; на душата – догмите на благочестието, пристојно образование, вежбање во добродетели, поправање од страсти, за да не се здебелее твоето тело и за да не се лакоми за придобивки на плотта!
Доколку плотта се лакоми против духот, духот против плотта и едни на други се спротивставуваат – гледај, откако ќе се присоединиш кон плотта, да не ја отстапиш поголемата власт на полошото.
При поставување на тегови врз вагата, ако ја обремениш едната страна, задолжително другата ќе стане полесна, противположна на првата – така се случува и помеѓу телото и душата: излишното во едното неизбежно создава оскудност во другото.
Кога телото е во добра состојба и е обременето со маснотија, тогаш духот неодоложно постанува слаб и неспособен за своето назначување. Кога, пак, душата е благоустроена и преку својот разум над духовното го достигнала својственото величие – тогаш, последователно на тоа, настапува отпаднатост во телесните сили.
Постојаното надгледување над себеси, ќе ти даде и достатно раководство за познание и на Бога, зашто, ако се спознаеш себеси, нема да имаш потреба да ги бараш трагите на Творецот во устројството на вселената, но ќе ги најдеш во самиот себеси, како во некоја мала вселена и ќе ја видиш големата премудрост на Создателот.
Свети Василиј Велики