Молитва за именден

Господи Боже мој, уште од детството почива врз мене Твојата добрина, зашто Ти ме удостои милостиво co Твоето свето крштевање, co кое ме исчисти од првородниот грев и ме облече во облека на невиност, ме направи свое чедо и чесен член на Твојата Света Православна Црква.

Ти ми го покажа патот на спасението; ме удостои co преголема чест да го носам пресветото име на Господа и Спасителот наш, Исус Христос. Ти благодарам од се’ срце за ова; зашто сознавам дека co ништо не сум го заслужил тоа големо благоволение.

 

Ти се молам – не ми дозволувај да се оддалечам од Тебе, да го помрачам Твојот образ во својата душа, да се вратам кон гревот што сум го отфрлил, та да му служам co мисли, зборови и дела на лошиот дух, кој сака да ме улови во својата стапица

Засили ја мојата вера, исчисти ја мојата душа, за да бидам живеалиште на Твојот Пресвет Дух.

Јас, недостојниот и слабиот, свесно ги повторувам ветувањата кои при своето крштевање свесно ги дал место мене мојот кум.

Се откажувам од богоспротивниот свет и ветувам дека ќе Ти служам во сите дни на мојот живот, ќе Те сакам повеќе од се’, повеќе од самиот себе. Ќе ја чувам Твојата вистина и на Твојата Црква ќе бидам верен и предан до крајот на мојот земен живот.

Тврдо сум решен да одам по овој пат, но Ти, небесен Оче мој, ја знаеш мојата слабост, ја гледаш мојата немоќ.

Tи се молам, закрепи ja мојата волја и дај ми сила за да го исполнам моето ветување што го правам смирено денес пред Тебе, та да можам да го прославувам Твоето име – на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови.

Амин!

пс. Како и секогаш, особено на денот на именденот покрај  учеството на Светата Литургија и примањето на Светата Причест, многу е полезно верникот да направи дело на милосрдие. Поспасително е тој ден да се нахрани гладен,  (кујни за гладни) да се облече гол, да се утеши болен…, отколку  што е важна самата богата домашна трпеза и гостите околу неа!

Претходна статијаНикој не може да се нарече богат, без да ги збогатува и другите околу себе!
Следна статија“Ако некој не се роди одозгора, не може да го види Царството Божјо”….(Молитва за роденден)