Не гледам зрак на спасение во моите дела!

Христе Мој, Утехо моја, облечи ме мене грешниот во рувото на Твојата милост.

Кога ќе погледнам во моите дела тие сведочат дека живеам како светот да ми е татко, а не Ти Оче Небесен.

Тагата е голема и смрдеата на моите дела, кои укажуваат дека сум роб на сопственото тело.

Дојди, Христе мој, ослободи ме од канџите на ова трулежно тело, кое мисли само за себе, а така сите ќе не фрли во вечна пропаст.

Просам Боже мој, за пропаст на моите гревови, оти толку многу се нанижале, што едвај дише мојата душа.

Спасителу мој, погледни во длабочината на моето срце, белким ќе најдеш зрно на љубов во мене за прошка на моите гревови.

Роб сум на сопствените гревови – дај ми го Боже клучот од портата на овој затвор во кој нема радост, само смрт и смрдеа.

Боже мој, недостојната моја уста која кажала и кажува секој ден такви гадости што Тебе те натажуваат, а мене ми наштетуваат, не ми го земај тоа Боже Мој за мерило и запамети ги овие сегашни зборови – кои знам, во однос на моите гревови се само капка вода која се обидува да тече во спротивната насока од течението на реката, но Боже мој овие зборови просат од Тебе лек за мојата душа и за моето спасение, кое доколку е во моите раце, тоа е толку недостижно и далеку.

Затоа, Боже Мој, јас Тебе ти го предавам, та Ти да го исчистиш!

Стегни го Боже со Твојата Божествена Рака моето срце толку силно, што од него ќе ја исцедиш до последната капка грев, та после да посееш во него љубов најмалку за мене, а најмногу за Тебе, оти без Тебе јас сум само радост на ѕверовите адтски.

Просам Боже, просам само милост и љубов!

(Од непознат молител)

ИЗВОРСинапово Зрно
Претходна статијаЗа Светата тајна Брак ! (Православен катихизис)
Следна статијаСлободно бирајте со што ќе се поистоветите: со Царството Небесно или со царството земно, односно со пеколот! (Митрополит Наум)