Карактеристики на духовникот

Во некои Цркви, како што се на пример Руската и Грчката, не смее секој свештеник да исповеда луѓе, затоа што тоа не е едноставна работа и потребна е голема зрелост, сериозност, духовно искуство и цврстина за некој да може да слуша исповеди.

Како основни критериуми обично се земаат возраста – над 40 години – и искуството – најмалку 10 години во клирот. Но и од оние кои ги исполнуваат овие два услова, не секој може да исповеда и духовно да раководи, туку само оние кои имаат најголемо духовно искуство, зрелост, побожност и неизвалкан живот, расудување, но и огромна љубов за сите луѓе, независно од тоа кој во какви гревови грешел или греши, да може во секого да види икона Христова и никого да не отфрла, туку да се грижи за спасението на сите кои побарале помош од него.

Постои и посебен чин (хиротесија = ракопроизводство) за поставување на духовник, кој се практикува во многу локални Цркви.

Како што од лекарите бараме да имаат големо искуство во својата професија, истото важи и за духовниците. Белата брада не гарантира секогаш духовно искуство.

Обично верниците сами препознаваат кои свештеници ја заслужуваат довербата за исповед и кај таквите одат.

Ho не зависи се’ само од свештеникот. Кога одиме на исповед, треба и ние да се молиме Бог да ни ја објавува Својата волја преку устата на свештеникот, но и самите ние треба целосно да се отвориме, да ги кажеме сите гревови, за да може духовникот да процени што и како треба да ни препорача за наше исцелување од гревовите.

Ако отидеме на стоматолог и притоа не ja отвораме устата доволно, за да може лекарот да ги провери нашите заби, тогаш тој не ќе може да даде правилна дијагноза. Истото е и co исповедта.

Некој ќе рече, како да се исповедам кај свештеник кога и тој има гревови, а можеби и ќе ја раскаже мојата исповед?

Најпрво, свештеникот е навистина грешен како и сите луѓе, но Бог таквиот го избрал за преку него, Самиот Бог да ја прима нашата исповед и да ни дарува простување на гревовите.

И лекарите често пати боледуваат од разни болести, па ете пак сите одиме кај нив кога имаме здравствени проблеми. Свештеникот е само сведок, а Бог ја слуша и прима нашата исповед.

Што се однесува до раскажувањето на нашата исповед, треба да знаеме дека ниеден свештеник не смее да раскажува туѓа исповед и ако такво нешто се случи, т.е. ако имаме сигурен доказ за такво нешто, случајот веднаш треба да се пријави кај надлежниот епископ, па таквиот свештеник да биде испитан и ако е навистина виновен, најстрого да биде казнет, па дури и расчинет.

Но такви случаи нема и затоа не треба да се плашиме од раскажување на гревовите.

Во житијата на светителите наоѓаме интересни примери на посветени духовници. На пример, светиот Дионисиј Закинтоски и Егински, го примил во својот дом и го исповедал човекот, кој го убил неговиот роден брат, и светителот, и покрај болката што ја чувствувал поради убиството на својот брат, сепак му простил на убиецот, па дури и му го спасил животот, криејќи го од роднините кои сакале да го убијат.

Неговите чудотворни и нераспаднати свети мошти почиваат на островот Закинтос, во Грција.

Ha исповед треба да одиме редовно, барем еднаш месечно или пo потреба, но не поретко од еднаш годишно. Co духовникот да се консултираме за поважните прашања и одлуки во нашиот живот и co негов благослов и молитвена поддршка да растеме во духовниот живот.

Тој е должен да не’ научи како да се молиме, како да постиме, како да го устроиме нашиот секојдневен духовен живот, т.е. читање на Светото Писмо и други црковни книги и редовно да доаѓаме во црква на богослужбите, особено на Божествена Литургија.

Сите тие подвизи и добродетели се битни во стекнувањето на ум Христов, за охристовувањето на нашата личност и живеење.

Пренесено од брошурата “Како да се подготвуваме за Светата Причест” на Повардарска епархија, Велес, 2012 година

Претходна статијаШто е Свештенство? (Светите Тајни)
Следна статијаНесреќни лозари ( Зошто се такви?)