Глава 22.

Каква е разликата помеѓу знаењето на светите ангели и знаењето на демоните.

За добрите ангели секое знаење за телесните и времени нешта , со кои се гордеат демоните, нема никакво значење; но ова не е затоа што тие не ги знаеле овие нешта, туку затоа што за нив е поскапоцена љубовта Божја, со која тие се осветуваат.

Во однос на бесплотната, неизменлива и неизглаголива Божја убавина, кон која пламенито жаднеат со света љубов, тие за неважно го сметаат сето она, што е пониско од неа и што не е таа, па дури во таа смисла ни самите себе ; така што воопшто, како добри, тие единствено се насладуваат со она благо, кое и ги чини добри.

Но имено затоа тие дури и уште подобро го познаваат она што е временито и изменливо; бидејќи во Словото Божјо, преку Кого сѐ е создадено, тие ги созерцуваат основите и причините заради кои едно се одобрува, друго се отфрла, и воопшто сѐ се уредува.

Демоните, пак, не ги созерцуваат во Премудроста Божја овие вечни и, би рекол, основни причини, иако според некои, од нас пројавени (прикрадени) признаци, го предвидуваат идното со многу поголема умешност, одошто луѓето.

Понекогаш тие ги предвестуваат и од нив претпоставените дејствија. Притоа демоните често грешат, – а ангелите никогаш.

Зашто едно е – да се прават претпоставки за временото и изменливото врз база на временото и изменливото, и со тоа да се сообразува својата времена и изменлива волја и можноста да се остварат личните претпоставки, – што во одредени случаи им е допуштено на демоните; а друго е – да се предвидува менувањето на времињата според вечните и неизменливи закони Божји, кои се темелат на Премудроста Божја, и да се познава преку заедничарството со Духот Божји волјата Божја, исто толку најнепроменлива колку што е и најмоќна од сѐ, – што како одлика им е дарувана на ангелите.

На тој начин, овие последниве (ангелите) се не само вечни, туку и блажени.

А доброто, заради кое тие се блажени, е Бог, од Кого тие се создадени. Во општењето со Него и созерцуваќи Го Него, тие наоѓаат неизменлива наслада.

Извор: ДОМОСТРОЈ, Св. Наум Охридски, ’95 бр.9/10

Подготви:

Светланка Трајчева

Претходна статија„Го мразам гревот, но живеам во страстите…
Следна статијаЉУБОВТА БЕЗ РАСУДУВАЊЕ ГИ УПРОПАСТУВА ДЕЦАТА