-Прашање до свештеникот
Отворена духовна војна по дома. Дали е во ред да барам помош?
Незнам кај грешам. Јас сум православна. Не сум совршена. До скоро поретко одев на литургии. Имав периоди кога одев редовно и периоди кога поретко одев. Пост, молитва, исповед, покајание, понизност, Причест. Се трудам. Давам се` од себе.
Дали е во ред кога сум соочена со луѓе што не ми мислат добро, и ако не можат сами да наштетат бараат оџи и гатачи, дали е во ред и јас да побарам некој свој? Или да терам како што знам.
Јас се јавив во момент на слабост во манастир, ми кажаа да појдам да се видиме.
Ќе појдам кога ќе немам многу обврски и ќе имам доволно пари. Ама после си помислив, што ќе ми прават тие, има и луѓе со поголеми маки, имаат зависници и луѓе што немаат деца, немаат кој да ги праша тие самите како се и низ што поминуваат, сите вакви како мене им одат секој со својте маки.
Проблемот е семејството кај што се омажив. Веќе 11 години сум тука. Имаме две деца. Сите дома не само што практикуваат окултно, туку со години не сакав да согледам дека и маж ми тоа го прави.
Што и да правам на моменти чувствувам влијание. Негативни нешта предизвикани од нештата што ги прават. Се обидов да разговарам, ама црното го прават бело, предметите сами се кршат, јајцето од В.четврток неколку години само се кршеше, крстовите сами се превртуваат наопаку, облеките и книгите сами се кинат на парчиња.
Тие според нив самите се христијани, само јас сум луда ми се причинува.
Лани имавме една тешка епизода која на крај се заврши со губење на бременост со близнаци лани на Петровден.Се обидоа духовно да ме уништат, и паднав духовно, како да ми ослабна молитвата, како да немав благодат, и еден ден отидоа на некаков си погреб кај непозната жена, чудно ми беше ама не му дадов значење.
По два три дена готово со бременоста, тешко ми е да се навраќам на моментот. Господ знае во тој неред што се создаде кај згрешив. Сосема ослабнав.
На моменти се чувствувам силна, се` ќе преживеам. На моменти трпението ми ослабнува, депресија ме фаќа, се борам сама со сите сили. Додуша скоро почнав секојдневно да читам по малку од акатистот на Пресвета Богородица и малку како да ми олесна.
Дали да се борам падни – стани уште колку што е потребно, или проблемот е доволно тежок според вас за и јас да појдам до манастирите и да им се ставам на терет на монахињите или на отец Партениј?
Дали има некоја молитва, нешто што може да се направи, за луѓево дома да станат подобри и да се обратат кон Бога?
Дали има нешто што може да ја олесни оваа ситуација, децата почнаа да ја чувствуваат. Децата веруваат во Бог. На нивен начин, без притисок.
Слатки се како го доживуваат Бога. Душички се ако треба да минуваат низ истово што го минувам и јас со години.
Совет?
Одговара отец Горан:
Останете во релација со духовниот отец и сигурно нема да им бидете на терет во манастирот, тоа ќе биде најсоодветно.
Не е лесно во средина на луѓе кои како што велите практикуваат суеверие и магиски пристап кон верата, но сепак потребно е сосредоточеност на она што значи да се биде православен христијанин и да се практикува она што и го практикувате исповед, пост, молитва и причест.
Во поголем дел од случаите сакаме да се реши онака како ние мислиме и живееме, но, тоа треба да биде и со молитва кон оние кои не го прават тоа, но ако е со сострадување и љубов кон нив ќе ни даде Господ и трпение, а ако не само ќе мислиме на тоа дека сме жртва и ќе се нервираме.
Не е лесно секако, но од Бога да измолиме трпение. Но, како што реков појдете кај отецот и добијте утеха.