ОД СВЕТИ МАКСИМ

1. ВОДЕН од страстите, т.е. кога е раководен од гневот, неразумниот непромислено брза да ги напушти браќата, а кога ќе се разгори желбата, тој се предомислува и оди повторно да ги види. Разумниот, пак, во двата случаи постапува обратно.

Во случај на гнев ги сече причините за него, ослободувајќи се од тагата предизвикана од браќата. Bo случај, пак, на желба се воздржува од бесловесната потреба да се сретне co други.

2. ЗА време на искушенијата немој да го напушташ манастирот, туку храбро поднесувај ја бурата од помисли, особено тагата и мрзеливоста. Зашто, испитан co разни искушенија и жалости, според домостројот, ти ќе стекнеш непоколеблива надеж во Бога. Доколку, пак, заминеш, ќе се покажеш како неискусен, нецврст, нехрабар.

Оној што за време на искушенијата не е долготрпелив во се’ што му се случува, туку се оттргнува од љубовта на браќата по дух, се’ уште не поседува совршена љубов, ниту длабоко познавање на Божјата промисла.

Цел на Божјата промисла е да ги соедини co правата вера и co духовната љубов оние што на разни начини злобата ги оддалечила. Зашто, нашиот Спасител страдал за да ги собере заедно растурените Божји чеда. (Јн. 11,52)

3. ОНОЈ што не го прифаќа и не го трпи непријатното, кој не го поднесува жалното и кој не истрајува во тешкото, чекори надвор од патот на љубовта и Божјата промисла:

Љубовта е долготрпелива, полна co добрина. (1 Кор. 13,4) Нема ли да ја промаши целта на Божјата промисла оној што е малодушен поради жалоста што го напаѓа, оној што станува лош кон оние што го натажиле и кој се оттргнува себеси од љубовта кон нив?

4. МОЖЕБИ ти се случило искушение поради твојот брат и можеби тагата (жалоста) направила да го мразиш. Сепак, немој да дозволиш да те надвладее омразата, туку победи ја co љубов.

А ќе ја победиш на следниов начин. Искрено моли се на Бога за него и прифати го неговото оправдување. И ти самиот смири го co своето оправдување, сметајќи се себеси како причина за искушението. Биди долготрпелив се’ додека не помине облакот. Долготрпелив е оној што го чека крајот на искушението, добивајќи пофалба за својата трпеливост.

5. ДОЛГОТРПЕЛИВИОТ маж е многу разумен. Всушност, се’ што му се случува, тој го доведува во однос co крајот. Очекувајќи го него, тој ја поднесува тагата. А крајот е вечниот живот, како што вели и божествениот апостол:

А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос. (Јн. 17,3) Искушуван од омразата на лукавиот, внимавај да не го сметаш за лукав и лош оној што до вчера го сметаше за свој брат по дух и за добродетелен монах. Напротив, со долготрпеливата љубов размисли за вчерашните добра и исфрли ја од душата денешната омраза.

6. ОНОЈ што го фалеше вчера како добар и го величаше како духовно искусен, немој да го критикуваш како лош и пакосен (злобен) затоа што твојата љубов се преобратила во омраза, сакајќи преку обвинувањето нa братот да ја оправдаш својата зла омраза.

Напротив, продолжи да ro фалиш, иако во тебе се’ уште владее тагата (омразата) и лесно ќе и’ се вратиш на спасоносната љубов. Наоѓајќи се co останатите браќа, внимавај да не ја превртуваш вообичаената пофалба на братот поради омразата кон него, што се крие во тебе, клеветејќи го и скришно обвинувајќи го co своите зборови.

Напротив, при вашите средби пофали ro co чисти (искрени) зборови, искрено молејќи се за него како за себе, co што брзо ќе се ослободиш од погубната омраза. Доколку случајно братот, искушуван од демонот, продолжува да те злоупотребува и навредува, ти немој да отстапиш од љубовта, прифаќајќи го истиот лукав демон, кој го  вознемирува и твојот разум.

Ти нема да отстапиш од него доколку го пофалуваш кога ќе те навредува и ако му посакуваш добро кога ти подготвува зло. Тоа е патот на мудрољубието во Христа. Оној што не се движи по тој пат не може да живее во заедница co Христа.

7. НЕМОЈ да го провоцираш својот брат co двосмислени зборови за да не ти возврати, co што би ја избркал љубовта од двајцата, туку отиди смело и co љубов опомени го за да се отстранат причините за омразата и на тој начин двајцата да се ослободите од тагата, омразата и лутината.

Немој да велиш: „He го мразам својот брат”, при што, воопшто не сакаш ни да го видиш, туку послушај го Мојсеја, кој вели:

Во срцето свое не мрази го братот твој; изобличи го ближниот свој и нема да ти се прими за грев поради тоа. (З Мојс. 19,17)

Кога сте во добри односи и кога живеете во мир co својот брат, немој да се потсетуваш на она што го рекол, кога меѓу вас постоела омраза (т.е. на она што ти го рекол тебе самиот или на некој друг, за кое ти си разбрал подоцна), за да не се појави повторно погубната омраза кон него, прифаќајќи ја помислата за памтење на злото.

8. СЛОВЕСНАТА душа која има омраза кон некој човек, не може да има мир co Бога, Кој ги дал заповедите. Зашто, Он вели:

Ако, пак, не им ги простите грешките на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите грешки. (Мт. 6,15)

Доколку другиот не сака да се смири, ти чувај се од омразата искрено молејќи се за него и не зборувајќи никакви лаги за него пред никого.

9. МИРОТ на светите ангели е заснован на две расположенија: на љубовта кон Бога и на меѓусебната љубов. Слично е и co светите од сите векови. Нашиот Спасител рекол многу убаво:

На тие две заповеди се држат целиот Закон и Пророците. (Мт. 22,40) Немој да мислиш дека те сакаат оние кои ти пренесуваат зборови кои раѓаат тага и омраза, дури и ако ти се чини дека зборуваат вистина. Напротив, избегнувај ги како змии отровници.

Спречувај ги нив во зборувањето на лаги и избави ја својата душа од злобата. Точно испитај ја својата совест за да не утврдиш дека можеби ти си причината поради која братот не сакал да ce помири. Немој да се обидуваш да ја измамиш (совеста), затоа што таа го знае и она најскриеното во тебе.

Потоа таа обвинува во часот на смртта, како што станува и препрека за време на молитвата.

10. НЕМОЈ лесно да ја отфрлаш духовната љубов. Зашто, на луѓето не им преостанува друг пат за спасение. Внимавај на себе и испитај дали злобата, која те одвојува од братот, се наоѓа во тебе, или во твојот брат и побрзај да се помириш co него за да не отпадне од заповедта за љубовта. Немој да ја занемаруваш заповедта за љубов, преку која постануваш Божјо чудо. Меѓутоа, co нејзиното прекршување ти постануваш дете на геената.

11. НЕМОЈ да бидеш егоист и нема да го мразиш својот брат. Немој да бидеш самољубив и ќе бидеш богољубив. Одлучувајќи да живееш co браќата по дух, уште на вратата одречи се од своите потреби, инаку нема да имаш мир ни co Бога, ниту co оние што живеат co тебе (co сожителите).

12. ОНОЈ што се’ уште ја сака празната слава или е приврзан за некоја распадлива работа, секако, е натажен (и полн co омраза) поради другите луѓе заради привременото.

Тој е злопамтило (се сеќава на злото што му го направиле) или пак, ги мрази или го поробуваат срамни помисли. За богољубивата душа сето тоа е туѓо.

Пренесено од книгата “Доброслов” Прв том (Четириесетти наслов)

 

 

Претходна статијаОној што се бои од Бога…
Следна статијаЗлопамтењето е живот во ропство! (Архимандрит Гаврил)