5. ЕДЕН брат прашал некој старец, велејќи:
„Аво, моите помисли ми говорат дека монахот, кој co години е во монашкиот образ, тешко и co многу труд се подигнува ако падне во искушение, т.е. во блуд, co оглед на тоа дека од висока положба паднал ниско.Напротив, оној кој скоро пристигнал од светот и кој се’ уште е на почеток, нема да претрпи голема штета.”
A старецот му одговорил:
„Монахот кој ќе падне во искушение личи на разрушена куќа. И ако размисли трезвеноумно и одлучи повторно да ја соѕида, градителот наоѓа големо количество на подготвен материјал, ископани темели, камења, дрва.
Co оглед на тоа што материјалот е подготвен; тој може повторно да ѕида и секако, полесно и побрзо од оној што се’ уште не ископал и не поставил темели и кој не го обезбедил потребниот материјал, туку само што почнал да собира за да ѕида, надевајќи се дека можеби ќе успее и да доврши.
Забележи дека овој пример можеш да го примениш и на монахот што co години живее монашки живот и на почетникот. Монахот кој ќе падне и се обрати (покае), како голема помош ја има навиката во монашкиот живот што веќе ја правел, т.е. во поучувањето (од светите книги), во псалмопеењето, во ракоделието и останатите монашки активности, кои може да ги извршува без напор co оглед на тоа дека веќе co години е навикнат на нив.
На тој начин тој може повторно брзо да ја соѕида разурнатата куќа на својата душа.
На почетникот, меѓутоа, кој само што почнал да се вежба и учи на се’ што рековме, после падот му треба многу време повторно да стане, бидејќи истовремено co ѕидањето на куќата собира и материјал.”
6. ЕДЕН епископ во некој град тешко се разболел, поради што изгубил надеж (дека ќе преживее). Во тој град постоел еден женски манастир.
Кога дознала дека епископот се разболел безнадежно, игуменијата зела co себе две сестри и отишла да го посети. Додека седеле и разговарале co епископот, една од сестрите му ја допрела ногата, сакајќи да види дали има температура.
Епископот почувствувал (телесна) борба од допирот и ја замолил игуменијата:
„Немам никој што би се грижел за мене како што приличи. Дозволи да остане оваа сестра да ми помага.
Без никаква лоша мисла игуменијата ја оставила сестрата да му помага и да се грижи за епископот. А тој, поттикнат од ѓаволот, додека му служела, паднал заедно co неа.
Монахињата останала трудна. И кога големината на нејзиниот стомак им ја објавил нејзината бременост на сите, свештениците ја привеле и ја испитувале:
„Од кого остана трудна?” Таа, пак, не сакала да признае.
Тогаш епископот рекол:
„Оставете ја, јас направив грев.” И кога закрепнал од болеста, тој влегол во црквата и го оставил својот омофор на жртвеникот (т.е. на Светата трпеза). Потоа излегол, зел еден стап во рацете и тргнал кон еден манастир, каде што никој не го знаел.
Додека одел, на авата (старешината) на манастирот, кој имал дар на прозорливост, Бог му открил дека во манастирот пристигнува еден епископ.
Тој го повикал вратарот и му наредил:
„Внимавај, брате. Ни доаѓа еден епископ. Пречекај го како што прилега.”
Вратарот очекувал дека епископот ќе дојде, како и обично, облечен во скапоцена одежда или co некакви други знаци на достоинството. Кога, пак, видел дека еден човек доаѓа пешки, тој не го препознал (владиката) и не ја отворил (вратата) пред да го извести старешината.
Кога слушнал (што се случило), тој веднаш излегол да го пречека.
Примајќи го, тој го целивал и му рекол:
„Добредојде, господине епископ”
Зачуден што го препознале оние што воопшто не го познавале, епископот посакал да оди во друг манастир.
Меѓутоа, авата му рекол:
„Каде и да одиш, ќе идам по тебе и ќе обелоденам кој си.”
И тој останал во манастирот, каејќи се од сето срце и покажувајќи големи подвизи за стекнување на добродетели и во мир отишол кај Господа.
А Бог направил неговата смрт да ja следат многу знаци и чудеса.
Пренесено од книгата “Доброслов” Прв том (Прв наслов)
Подготви: Мина Даниловска