СООЧУВАЊЕ СО СОВРЕМЕНИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ (II)
Марков манастир
Јеромонах Атанасиј Арсоски
Егоизмот и себељубието во голема мера го имаат инфицирано и бракот и семејството. За жал, од крајот на минатиот и почетокот на овој век владее криза на бракот. Старосната граница на оние кои стапуваат во брак се поместува сè погоре и погоре, а не се малку и оние кои не се ни одлучуваат на тоа.
Преовладуваат дилемите, несигурноста, нерешителноста. Сето ова е продукт на вредностите што ни ги пласираат современите општества. Како причина за неодлучноста обично се наведува неможноста да се најде токму онаа личност која одговара. Заразени од себељубието, таквите луѓе всушност бараат личност која потполно ќе одговара на нивните очекувања и проекции.
Но во тој случај не станува збор за љубов, туку за себељубие кое се задоволува преку соживотот со личност која во целост ги исполнува сите вкусови и барања на другиот.
Меѓутоа, љубовта е нешто сосема друго. Главна карактеристика на љубовта е пожртвуваноста, подготвеноста да се жртвуваме себеси за другиот, но и да ги поднесуваме и трпеливо да ги прифаќаме недостатоците на другиот. И не само реалните недостатоци, туку и оние особини кои евентуално не се вклопуваат во нашата проекција за личноста со која живееме заедно.
Штом недостасува љубовта, тогаш владее себељубието, а каде што е себељубието, таму е и одбегнувањето на одговорноста. Значи, дури и ако се најде соодветната личност, сепак во сè повеќе случаи во ова наше време, многу бавно и тешко се одлучуваат да стапат во брак.
Причината за тоа е одбегнувањето на одговорноста, односно постоењето на неодговорност предизвикана од начинот на живот базиран на егоизам и себељубие. Ситуацијата навистина станува алармантна, и затоа треба експедитивно да реагираме и да ја сведочиме чистата и неизвалкана христијанска љубов.
Да бидеме будни и да внимаваме таквиот дух на извртување на вредностите на бракот да не навлезе и во просторот на Црквата, кај верните христијани. Основата на бракот е исклучиво нелицемерната, искрена и несебична љубов. Апсолутно ништо друго не треба и не смее да се вметне ниту како најмала причина за брак. Поради погрешните темели врз кои се гради бракот, во нашава епоха драстично е зголемен бројот на разводи.
Во тесна врска со искривувањето на бракот е и загрижувачки зголемениот број на абортуси. Со исклучок на неколку земји, абортусот речиси во целиот свет е легален. Абортусот претставува убиство од прв степен и од најсуров вид.
Но најважно е да ја дијагностицираме и да ја лечиме причината која доведува до намерата и реализацијата на абортусот. Причината е егоизмот, желбата за угодување само на себеси и живеење во удобност.
Во таа ситуација, раѓањето на повеќе деца всушност се доживува како закана за комфорното живеење. Кога не се расте во љубовта, тогаш не постои ни чувство за споделување на животот со други, ниту, пак, се доживуваат децата како плод на љубов.
Следствено се зголемува желбата за себеугодување и живеење во бесмислен хедонизам, па така не ни станува збор за воздржание од сексуални односи. На човекот кој го негува себељубието му е многу полесно да убие отколку да си го жртвува својот хедонизам.
Загрижувачки е и интензитетот на промовирањето на хомосексуализмот. Не само преку медиумите, туку и преку државните закони се наметнува прикажувањето на хомосексуализмот како нешто сосема нормално и природно!
Многу е очигледно дека ова е ненормална и противприродна појава, така што дури и излишно е премногу да се објаснува. Светиот апостол Павле, во своето послание до Римјаните, го има точно дефинирирано коренот на хомосексуализмот:
„Тие ја заменија Божјата вистина со лага и му се поклонија и му служеа на создаденото повеќе отколку на Создателот…Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: нивните жени природните потреби ги заменија со противприродни.
И мажите, исто така, напуштајќи го природното општење со женскиот пол, се распалија со желби еден кон друг и вршеа срамни работи мажи со мажи, добивајќи ја заслужената отплата за својата изопаченост“ (Рим. 1, 25-27).
Многу јасно кажано, дури и нема потреба од толкување. Хомосексуализмот е последица на обезбоженоста, на напуштањето и отфрлањето на Бога. Значи во основа на истополните односи лежи богоборството!
Меѓутоа, денес толку многу се сака тие односи да се прикажат како нормални, така што овие зборови на апостолот Павле на многу креатори на јавното мислење и на законодавствата би им изгледале како дискриминаторски, а самиот апостол како заговарач на дискриминација.
Ова само покажува до кој степен на богоборечка епоха живееме, и затоа е потребно да бидеме будни и никогаш да не допуштиме ненормалното да го прогласиме за нормално. Доколку се случи тоа, тогаш го губиме ориентирот во животот и се расклатуваат критериумите за нормалниот и природен живот на човекот, според првобитната Божја волја.
Технолошкиот развој изврши и сè уште врши голем и значаен придонес и во областа на медицината. Меѓутоа, исто така создаде и некои предизвици, кои всушност претставуваат злоупотреба на медицинскиот развој од страна на луѓето.
Поради неподнесувањето болка и неблагодарност кон Бога во неволјите, медицината ја измисли евтаназијата. Терминот се состои од грчките зборови ευ (добро, благо) и Θάνατος (смрт) и значи: добра (блага) смрт. Евтаназијата претставува прекинување на животот на човек кој се наоѓа во тешка и неизлечива здравствена состојба, доколку самиот или неговите најблиски го побараат тоа.
Причината за овој изум лежи во комформизмот и одбегнувањето на секаква болка и непријатност. Христијаните секогаш низ историјата биле пример за трпение и благодарно поднесување на неволјите, вклучително и на тешките болести.
Така треба да биде и денес, и на светот да му посведочиме со сопствениот живот дека целта и смислата на нашето постоење не се постигнува преку отфрлање на болката и страдањето, туку преку нивно благодарно и трпеливо прифаќање.
Таквиот однос кон болката и страдањето произлегува од љубовта и надежта во Бога, но исто така и придонесува за зголемување на љубовта, бидејќи колку повеќе сме благодарни, трпеливи и ведри, толку повеќе и побогато Бог ни ја дава Својата благодат.
За среќа, евтаназијата сè уште не е распространета низ светот, туку само во некои земји, но е со тенденција за брзо раширување.
Како што може да се забележи, во основата на сите тука споменати современи предизвици лежи недостатокот од љубов кон Бога и кон луѓето. Недостатокот од љубов ги раѓа страстите со сите нивни пројави во животот на луѓето. Тоа е основната и единствена причина за секој проблем во човештвото.
Затоа не треба овие предизвици да ги гледаме и третираме само како социјални проблеми, туку треба да понудиме суштинско решение. А суштинското решение се состои во растењето во несебичната љубов.
Христијаните треба секојдневно да растат во таа љубов, и со тоа му сведочат на целиот свет дека смислата и целта на животот е стекнување на љубовна непрестајна заедница со Бога, а преку Бога и со сите луѓе.
Може уште многу да се зборува и да се пишува за сите овие современи проблеми, но целта треба да ни биде да го најдеме коренот. Социјалните проблеми, доколку се третираат само како такви, остануваат нерешени, затоа што површинското соочување со проблемот никогаш не може да го реши и излечи.
Решавањето на секој проблем и предизвик е возможно само доколку се дијагностицира и неутрализира причината за неговото постоење.
Крај
Преземено од Марков манастир