Почитувани

Ме интересира, одамна си поставувам прашање, какво е мнението на Црквата во однос на прикажаните свети лица и христијански симболи на парите наши?

Односно, Богородица на илјадарката и Ангелот од Курбиново на педесет денарката. Нели на “Царот царевото, на Бога божјото”?

И нели “не можете да служите на Бога и на Мамона истовремено”.

Од тој аспект, а и од аспект на среброљубието кое е голем грев и зарад кое Исус беше и предаден.

Башка што и на доларот стои “Во Бога веруваме”, а од друга страна Нов Светски Поредок испишано стои.

Добро, тие се католици и не изненандува тоа, ама за Православиево ми е дилемата!

Благодарам

Одговор на отец Горан Стојчевски:

Црквата штом не се спротиставила со свој став во поглед на изобразувањето на ликовите од светиите на нашите парични единици, значи не е во спротивност со некое догматска, црковна или етичка норма.

Бидејќи тоа се фрагменти од македонското културно наследство кои се од непроценлива вредност, државата предвидела дека најдобар репрезент на македонската култура е токму фрескоживописот на македонската школа.

Парите се средство кое му е потребно на човекот во општественото уредување за да ги задоволи своите потреби, што не значи дека парите сами по себе се среброљубие, туку начинот на кои се заработуваат и користат истите, дали се за добро или зло.

Ако се за добро ќе има место и за милостиња која може да се направи со нив, во спротивност се користат за задоволување на некоја страст.

Христос беше предаден најпрво заради сластољубие, потоа среброљубие и на крај заради славољубие.

Во Бога веруваме, но, најважно во Бога да делуваме и тоа е Православието, теоријата да се потврди со пракса и нема дилеми заради тоа што светителите се изобразени на паричните единици, само да потврдиме дека како народ сме им оддани во делата.