ЗОШТО БЕДНИКУ НЕ СЕ ВРАЗУМИШ Свети Ефрем Сирин :
„…Се срамам и презирам што со сопствените желби сум врзан, за плач и воздишки достоен станав.
Можам за миг врските да ги скинам и од сите мрежи слободен да бидам, но победен од слабостите и на страсните навики доброволен роб бивајќи, не сакам тоа да го сторам.
И тоа што е пострашно, што со солзи на срам лицето мое го покрива, со желбите на непријателот мој јас се согласувам.
Тој ме врзува, а јас со страстите што го радуваат се умртвувам.
Можам врските да ги раскинам, но тоа не го правам;
можам замките да ги избегнам, но не сакам.
Има ли нешто подостојно за плач и лелек?
Кој срам е потежок од овој?
Тешко мене, поголем срам нема од тоа желбите на непријателот да ги исполнуваш.
Се доведов во состојба, јас грешниот, оковите свои да ги гледам, а од страв да ги прикривам.
Ме разобличува совеста моја:
„Зошто, беднику, не се вразумиш? Не знаеш ли дека Страшниот суд е пред врата?
Како јунак стани и оковите свои раскини ги! Ти власт имаш да врзуваш и раскинуваш.“
Така постојано совеста ме разобличува, но јас од мрежите и оковите не сакам да се ослободам. Секој ден тагувам и воздивнувам, а со истите тие страсти сум врзан.
За жалење сум и беден, за животот свој ни бар малку не се трудам, ниту, пак, што пребивам во мрежите на смртта, се плашам.
За оние што гледаат од надвор, телото во побожен изглед ми е облечено, но душата моја во бесрамни помисли е заробена.
Од надвор се трудам побожен да бидам, а внатре пред Бога сум гадост.
Во односот со луѓето говорот ми е сладок, а самиот со горчина и лукави желби сум преполн.
Што ке правам во денот на Судот, кога Бог ќе ме разоткрие пред сите?
Голем страв срцето непрестајно ми го измачува, зашто во оковите на безбројни беззаконија мои сум врзан.
Самиот знам дека таму казнет ќе бидам, ако овде Судијата со солзи не Го смилостивам.
Но Ти, Владико, милоста Своја ни во гневот не ја штедиш, зашто моето обраќање го чекаш; Ти не сакаш никого во огнот геенски да го видиш, туку сакаш сите вечен живот да добијат и да се спасат.
Затоа надевајќи се на милоста Твоја, Господи, Исусе Христе, Сине Божји, кон Тебе припагам и Тебе ти се молам:
„Погледни на мене и помилуј ме.
Душата моја од мракот на беззаконието изведи ја и нека зрак на светлина во мојот разум заблеска, додека не сум влегол во идниот, за мене страшен живот, каде невозможно ќе ми биде за своите лоши дела да се покајам.
О, Владико Единороден Сине Божји, услиши и прими го молењето на грешниот и недостоен слуга Твој.
Спаси ме без да бараш за возврат, по самата благодат Твоја, зашто Ти си милосрден и Човекољубив Бог и Тебе слава и благодарност и поклонение Ти принесуваме, заедно со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и во век и веков.
Амин. “