10. Пред се’, треба да знаеме дека демоните не се создадени во таква состојба, поради која се нарекуваат демони, зашто Бог не создал ништо лошо. И тие биле создадени добри, но паднале од небесното мудрување и сега се вртат околу земјата. Тие ги измамиле Елините со привиденија, а на нас христи]аните ни завидуваат и прават се’ што можат за да ни препречуваат да се издигнуваме на небото; за да не се издигнеме ние таму, од каде тие паднале.

Затоа е потребно многу да се молиме и да се подвизуваме, за да примиме дар од Светиот Дух “да ги разликуваме духовите” (1. Кор. 12,10), да можеме да знаеме кои од нив се помалку лоши, а кои се полоши и кој од нив со која и со каква работа е задолжен и како секого од нив можеме да го победиме и да го прогониме.

Зашто кај нив има многу начини за искушување и многу голема итрина и лукавство. Блажениот апостол и неговите последователи го знаеле ова, велејќи: “3а да не земе сатаната предимство над нас: бидејќи неговите замисли ни се извесни” (2. Кор. 2,11).

А ние што сме биле во нешто искушувани од нив, должни сме взаемно да се предупредуваме – да си помагаме. Па, ете, и јас кој делумно сум ги доживеал нивните итрини, ви говорам за нив како на свои деца.

11. Тие, штом ќе забележат некој христијанин, а особено монах, како се труди и напредува во духовниот живот, веднаш се обидуваат да го нападнат на неговиот пат преку соблазни со лоши помисли. Но, не треба да се плашиме од овие напади, бидејќи молитвите, постот и верата во Господа веднаш ги прогонуваат нашите духовни непријатели.

Меѓутоа, иако победени, тие не мируваат, туку веднаш настапуваат со други искушенија и итрини. Кога не можат да го измамат срцето со нечисти желби, тогаш напаѓаат на друг начин: се обидуваат да не’ плашат со разни привиденија – се преправаат во вид на жени, ѕверови, лазачи, џинови и многубројна војска.

Но и од овие привиденија не треба да се плашиме, зашто и тие се ништо: штом се оградиме со вера и со крсниот знак – тие веднаш бегаат. – Впрочем, тие се дрски и крајно бесрамни. Бидејќи, ако и тогаш бидат победени, тие одново не’ напаѓаат на друг начин: се преправаат како пророци и претскажуваат што ќе се случи по неколку дена.

На тој начин сакаат да ја покажат својата големина, па, ако некого не можеле да го измамат со помисли, се трудат да го уловат на овој начин. Но, ние не треба да ги слушаме демоните, кои се наши непријатели; не треба да ги слушаме дури и тогаш кога не’ поттикнуваат да се молиме и да постиме, туку нашето внимание треба да биде свртено кон целта на нашето подвижништво.

Тогаш нема да бидеме измамени од нив, кои прават се’ со итрина и лукавост. Од нив воопшто не треба да се плашиме, без оглед на тоа како и да не’ напаѓаат, дури тогаш кога ни се закануваат дека ќе не’ умртват, зашто тие се немоќни – тие само не’ заплашуваат и ништо повеќе не можат да ни направат.

12. Сета наша грижа треба да биде повеќе за душата, отколку за телото; на телото треба да му посветуваме само малку време само за она најнеопходното, а сето друго време треба да и’ го посветуваме на душата и да ја бараме нејзината корист, така што таа да не тежнее по телесните уживања, туку да го држи телото во ропска покорност.

Токму ова го означуваат и Христовите зборови: “Немојте да се грижите за душата – што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за телото, во што ќе се облечете” (Матеј 6,25). – “Не барајте што ќе јадете и што ќе пиете; и не се загрижувајте. Сето тоа го бараат и незнабошците во овој свет; а вашиот Отец знае дека тоа ви е потребно. Но, барајте го царството Божјо, и сето тоа ќе ви се придаде” (Лука 12,29-31).

13. Верувај во Господа и љуби Го; пази се од нечисти помисли и од телесни задоволства и, како што е напишано во книгата Мудри Соломонови изреки:

 

“Не измамувај се со пренаситување на стомакот”; бегај од гордоста, моли се непрестајно, пеј псалми пред спиење и по спиење; проучувај ги заповедите, кои ти се дадени во Светото писмо, спомнувај си за делата на светите, така што твојата душа, имајќи ги на ум Божјите заповеди, да ја има како пример ревноста на светите. Особено настојувај да ја исполнуваш поуката на апостолот:

“Сонцето да не зајде во гневот ваш” (Ефес. 4,26). Исто така, знај дека ова е речено и за сите Божји заповеди, така што сонцето да не не’ зајде не само во гнев, туку да не не’ зајде и во некој друг наш грев. Зашто е убаво и неопходно да не не’ осудуваат ни сонцето за нашите дела во текот на денот, ниту месечината за некој грев или за некоја грешна помисла во текот на ноќта.

14. За да можеме да се запазиме од сето ова, добро е да ги послушаме и да ги пазиме зборовите на апостолот:

“Испитувајте се сами себе дали сте во верата! Сами испитувајте се!” (2. Кор. 13,5).

Затоа секој од нас треба секој ден да си дава сметка за сите свои дела во текот на денот и на ноќта. Ако сме згрешиле, да престанеме да грешиме, а ако не сме згрешиле, да не се фалиме со тоа, туку да продолжиме да го правиме она што е добро, да не бидеме мрзливи, – да не го осудуваме нашиот ближен и да не мислиме дека сме праведни, “додека не дојде Господ” (1. Кор. 4, 5). Кој ќе го открие она што е тајно.

Честопати и од нас самите е скриено она што го правиме. Но, иако ние не ги знаеме сите тие работи, Господ знае се’. Затоа, судот да Му го оставиме на Господа, да бидеме сочувствителни еден кон друг; да ги поднесуваме тешкотиите еден на друг (сп. Гал. 6,2), да се испитуваме сами себе си и да се трудиме да го надополниме она што ни недостасува.

15. За да се запазуваме од гревот, потребно е да го правиме и следново:

Секој од нас да ги согледува и да ги запишува своите постапки и своите душевни состојби, како да има намера тоа да им го соопшти на другите. И бидете уверени дека, срамувајќи се од тоа што нашите дела ќе им станат познати и на другите, неизоставно ќе престанеме да грешиме, па дури и да продолжиме да мислиме за она што е лошо.

Дали некој сака да го видат тогаш кога греши? Или, откако веќе згрешил, нема да посака повеќе да излаже, само затоа да го сокрие својот грев? Како што, грижејќи се еден за друг, нема да вршиме блуд, така, ако ги запишуваме своите помисли, со намера да ги соопштуваме еден на друг, полесно ќе се запазуваме од нив, срамувајќи се од тоа тие да им бидат познати и на другите.

Па така, ваквото запишување да ги замени очите на оние што се подвизуваат заедно со нас, така што да чувствуваме таков срам, каков што чувствуваме кога не’ гледаат. Во овој случај не би задржале ништо лошо и грешно ни во нашите мисли.

Ако се трудиме вака на своето изградување, ќе бидеме во состојба да го совладаме нашето тело, да Му угодуваме на Бога и со успех да се бориме против искушенијата на духовниот непријател – ѓаволот.

Пренесено од книгата “Добротољубие” Том 1 (Поуки на Свети Антониј Велики)

Претходна статијаОБРЕЗАНИЕ ПО СРЦЕ И УШИ – Митрополит Наум
Следна статијаПОЧИТУВАЊЕ НА ПОСТАРИТЕ – Кога не внимаваат мајките, пропаѓаат децата. (Старец Пајсиј)