Во сиот овој развој на настаните постои и противнападот на православните, односно на православната цивилизација. Но, што е православна цивилизација? Дали тоа е цивилизација во онаа смисла во која се подразбира западната цивилизација? Не, Православието не е цивилизација, и покрај тоа што Тојнби употребува термин православна цивилизација. Зошто? Затоа што Православието е наука, и тоа медицинска наука согласно со денешните критериуми. Не е цивилизација.
Православието не е политички или социјален систем, затоа ш:то негова грижа е спасението на човекот. Православието се темели врз овие две вистини: „Логосот стана тело” (Јн. 1,14) и во Адот нема покајание.
Секако дека во Православието постојат претпоставки за создавање цивилизација. Меѓутоа Православието не е цивилизација. Православието не е ниту религија, како што постојат други религии, а тоа е она што го одвојува Православието од нив. Тоа се антрополошкиот и терапевтскиот феномен. Православието е терапевтски метод кој ја исцелува човековата личност.
Вистинскиот лекар се грижи за исцелувањето на сите болни, без исклучок. Не прави селекција помеѓу луѓето за исцелување. Не го интересира нивниот социјален статус, образовно ниво, економска состојба, нивната религиска определба или морално однесување. Вистинскиот лекар гледа само дали човекот што му доаѓа е болен или не. Доколку е болен, тогаш води грижа и се обидува да го исцели од болеста. Должен е да го исцели. Во православното Предание имаме и нешто многу повеќе од ова. И токму во тоа се состои нашиот противнапад.
Бог ги љуби не само светителите, туку сите луѓе, без исклучок. Ги љуби сите грешници, па дури и самиот ѓавол. Бог сака сите да ги спаси, односно исцели. Сака, но не може да ги исцели сите, бидејќи не сакаат сите да се исцелат. Опитот на обожените луѓе, односно на оние кои достигнале до боговидение, го констатира фактот дека Бог е љубов и дека сака да ги исцели сите луѓе и ги љуби сите подеднакво.
Меѓутоа, Бог не може да ги исцели сите, бидејќи не врши насилство врз човековата волја. Бог го почитува и го љуби човекот, но не може да го исцели со сила. Ги исцелува само оние кои сакаат да се исцелат и кои бараат од Него да ги исцели. Обично некој кој има телесна или душевна болест, тој своеволно, а не принудно оди на лекар, за да се излечи. Така е и во православниот терапевтски метод.
Треба човек самиот, без принуда и притисок, слободно да пристапи во Црквата кај соодветните луѓе, кои имаат просветление и опит и кои го поседуваат терапевтскиот метод на православното Предание. На тие луѓе треба да им биде послушен за да го најде исцелувањето.
Второ продолжение од книгата на Протопрезвитер Јован Романидис “СВЕТООТЕЧКО ПРЕДАНИЕ”.