БОЛЕСТИТЕ СЕ ПОСЛЕДНА БОЖЈА МЕРКА
ЗА ДА НЀ ПРИВЕДЕ КОН ПОКАЈАНИЕ
(Од отворената трибина со отец Дамаскин во Скопје)
Прашање:
Имам едно прашање коешто мислам дека вие веќе го начнавте, се работи за болеста како Божја посета кај човекот и ете токму разболувањето кај децата, не се сеќавам во која книга прочитав каде имаше еден старец, кому некој му рекол, знаете отец, јас се разболев од канцер, а тој му вели – а јас го молам Бога цел живот да се разболам од таа најубава болест.
Ако сакате да ми објасните нешто околу тоа и да се надоврзиме за гревот, преносливоста на гревот или поточно како што би рекле вие – последиците од гревот. Како тие се пренесуваат, да кажеме, од родителите на децата, дали непокајаните гревови се пренесуваат?
Одговор:
Мислам дека и светиот старец Порфириј, кој го спомнавте, и старец Пајсиј што го спомнав и други современи старци денес, велат дека рајот е полн со болни од рак. Секако дека ништо во нашиот живот не се случува без Божјо допуштение и без Божја волја, како што вели свети апостол Павле:
Ниту влакно од вашата глава нема да падне без да мине низ Божјите раце.
Зборуваме дека духот денеска е раслабен кај сите нас, и затоа, по укажувањето на старците и на светиите во овие апокалиптични времиња, болеста е средство како последен начин со кое Бог може да нè повика кон Него, да нè освести, да нè приведе кон покајание, да ни ја очисти и спаси душата.
Особено чувствителна работа за секој родител е сопственото дете, па затоа и болеста кај децата понекогаш Бог ја допушта за родителите да ги приведе кон покајание.
Има една убава поука која ќе ја кажам за почеток, која е објаснување во однос на болестите кај децата, а која ја има во една од нашите книги „Христос, Нашиот небесен лекар“, во која се зборува за нашиот однос кон страдањата, кон болестите и има многу поуки од Светите Отци и многу начини како да се поставиме кон болеста, како да се однесуваме и како да се трудиме и да Му благодариме на Бога во болестите и страдањата.
Кога ученикот на свети Нифонт Кипарски, преподобен Григориј, го прашал светителот за страдањето на невините дечиња, односно зошто невините дечиња страдаат и од тешки болести, а што изгледа неправедно во нашите очи, тогаш свети Нифонт му објаснил:
Кога Бог ќе ги исцрпе сите мерки и начини за поправање на родителите или за нивно покајание, тогаш Бог ги зема при Себе нивните дела или испраќа на нив тешки болести, за да ги вразуми родителите, односно според зборовите на еден старец, како што овчарот кога има некоја овца која не сака да влезе во трлото, се противи и блее, тој ѝ го зема јагнето и го внесува во трлото, па тогаш овцата блеејќи по јагнето и самата влегува во трлото.
Така и Бог, како последна мерка за родителите да ги поттикне кон покајание допушта болести и страдања кај децата, не поради нивните гревови, туку по совршената Божја грижа и промисла за спасение на секоја човечка душа.
А кога преподобен Григориј прашал што ќе биде со тие дечиња кои неправедно трпат болки и страдања, светителот му одговорил:
Ако родителите, и покрај страдањата и измачувањето на дечињата не се покајат и не се приведат кон Бога, туку продолжуваат да живеат во гревови и безбожништво, тогаш ќе бидат изложени на уште поголемо и страшно мачење во вечноста и ќе им биде тешко на Страшниот Суд, а дечињата пак, на кои Бог им допуштил тука неправедно да страдаат и да се мачат за нивните родители да се обратат кон покајание, на нив Бог ќе им даде нераспадливи и маченички венци на Небесата.
Тоа е тешко за нас да го соџвакаме и да го примиме во нашите срца, но сепак, секогаш кога зборуваме за болестите, за страдањата, за смртта, за нашите искушенија тука, треба да гледаме од аспект на вечноста, бидејќи Светите Отци велат дека Бог не го штеди телото, за да ни ја спаси душата.
Значи, ние гледаме од аспект на вечното спасение на нашата душа, бидејќи сето она што Бог го создал, Бог сака и да го спаси.
Да го сфатиме тоа правилно, секако дека треба да се грижиме за нашето тело и во однос на тоа да не ја бараме сами болеста, можеби некој и се осмелува да повика кон Бога и да побара Бог да му допушти некоја болест за покајание и очистување на душата, но кога ќе дојде болеста, многу е тешко да ја примиме и да му благодариме на Бога во моментот на болки или страдање.
Бог совршено премудро знае колку на секој од нас му е потребно за да му ја спаси душата, ние не треба ништо специјално да го поучуваме или да го умудруваме Бога.
Он совршено знае што и колку треба да ни допушти, ние треба само да Му се молиме да ни даде сила за трпение, сила за да се соочиме со искушението кое Он ни го допушта и кое треба да го примиме без многу да мудруваме или прашуваме зошто и како, туку треба да се задлабочиме во себеси за кај нас да го поправиме она за кое што Бог ќе нè просветли да го согледаме дека го грешиме, за да ја отклониме всушност и причината поради која Бог ја допуштил болеста.
Во однос на телото спомнав дека сè што Бог создал на земјата, сето тоа Бог и ќе го спаси. Ниту еден атом кој Бог го создал на земјата нема да загине. Телото е земја и во земја се враќа, но привремено, затоа што при второто Христово Доаѓање, според нашето исповедање и верување, сите тела на сите упокоени, од Адама па до последниот човек, ќе воскреснат и ќе се соединат со своите бесмртни души.
Значи, ниту еден атом Бог нема да остави да загине. И тие тела тогаш ќе се преобразат заедно со душите и ќе го добијат својот конечен суд. Нашето тело тука е дом за нашата душа и орудие преку кое Бог ни помага да се спасуваме.
Ако ние своеволно и доброволно не преземаме трудови и подвизи, а кога зборувам за подвизи не зборувам само за тешки физички подвизи, метании, молитви и не знам какви добродетели, туку пред сè, најмногу ни е потребно сега да преземаме духовни подвизи во смирувањето на самите себеси, во согледувањето на нашата немоќ и гревовност, е тогаш Бог ќе ни допушти болести за да нè смири и приведе кон покајание.
Треба да внимаваме и да пазиме на секој наш збор, бидејќи лесно се опуштаме сега, за жал, и во оговарање и во осудување на ближните, и можеме сите да ги протресеме и осудиме дури и во храмот и во манастирите, па додека сме во црквата или во манастирот, сите изгледаме дека сме побожни, молитвено расположени, но кога ќе се завртиме и ќе излеземе од црквата, веднаш знаеме да извадиме список на кој што згрешил и кој што лошо направил.
Последиците на гревовите не се во однос на родителите кон децата, бидејќи самите гревови не се пренесуваат врз децата, туку се пренесуваат последиците од гревовите на родителите.
Децата и поколенијата страдаат поради гревовите на родителите, но децата не ги носат самите гревови, туку ги носат последиците од гревовите и Бог преку тоа ги освестува родителите.
Честопати многу од родителите, особено мајките, ќе ми речат:
Е сега го гледам во мојата ќерка истото тоа што јас сум го правела, сега Бог ме освестува и умудрува, за и јас да се видам каква сум била кон мојата мајка, кон моите ближни, колку сум била арогантна, агресивна, непослушна и непокорна.
Сето тоа во духовниот закон се пренесува премудро, бидејќи ништо пред Бога не останува незабележано и ништо Бог не остава на случајноста, туку допушта или во почетокот на духовниот живот или подоцна да понесеме и соодветна епитимија за сите наши грешки во минатото и за сите наши гревови.
Бог ни ги простува гревовите, но допушта и соодветна епитимија. Дури и разбојникот на крстот, според поуките на Светите Отци, кој го исповедал Христа на Крстот и прв влегол во Рајот, ниту тој не бил лишен од соодветна епитимија, па му ги прекршиле нозете и четири часа претрпел страшни болки, пред Бог да му ја прими душата како прва во повторно отворениот Рај.
Затоа, не треба да очајуваме и не треба да стануваме малодушни поради било која работа која Бог ќе ни ја допушти, било со нашите болести или со болестите на нашите деца, треба да имаме цврста вера и надеж и да се трудиме тогаш да се молиме Бог да нè умудри и да ни прости, да ни даде и кај нас да пронајдеме што ние грешиме и доколку се потрудиме со усрдност да се поправиме себеси, тогаш Бог бргу ќе го испрати исцелението.
Ние се оптоваруваме и се молиме само за телесното здравје, и нашето и на нашите деца, но пред сè, треба да се молиме за спасение на душата.
Светите Отци велат дека здравјето не ни е секогаш корисно, бидејќи кога сме здрави не сме баш многу наклонети кон духовни подвизи, туку напротив, во 99% од случаите и од искуствата со луѓето кои доаѓаат со телесни немоќи и болести, тие велат дека токму болеста ги привела кон покајание и кон Бога.
МАНАСТИР СВ.ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ