Што е духовен живот и како за него да се оспособиме ?
75. Ѓаволските измами ќе го попречуваат одрекнувањето од светот. Како да се одбиваат измамите?
Милоста Божја нека биде со вас!
Пишувате:
„Тешко ми е, никаде немам мир. Нешто ме притиска, во срцето ми е тешко и мрачно. Тоа одеднаш ме обзеде“!
Силата на крстот е со нас!
Бидете храбри и исправете се! Сфатил ѓаволот дека Вие сакате во потполност да побегнете од тој круг во кој што тој може лесно да поживее меѓу христијаните , затоа Ве напаѓа со таква тага и страдање.
Не сте вие единствената личност која што доживува такви напади. Нив ги доживуваат сите , но не се сите исти.
Вас ве притиска страдањето , некого го обзема страв ;
некој пак, во мислите наидува на такви пречки , како планини да се ;
некому му се причинува дека делото кое го започнува е бесмислено .
Секому му приоѓа така како што е најпогодно , наведува потоци од мисли , го вознемирува срцето и ја поматува душата. И одеднаш, како да настанува бура.
Такви се подвалите на нашите непријатели.
Тие се народ на хаосот.
Скитаат на сите страни , гледаат дека дверите се отворени и дека стражарот го нема , влегуваат во нашиот дом и се превртуваат прекуглава.
Ќе направат неред и ќе побегнат. А ти, потоа, снаоѓај се како знаеш!
Но тоа не е најголемата несреќа.
Ние не сме виновни што непријателите насрнуваат на нас;
не сме виновни ниту за нарушувањето на нашиот внатрешен ред кој што тие го предизвикуваат;
не сме виновни ни за мислите и чувствата кои што претставуваат плод на нивното делување. Бог нас, не не обвинува за тоа. Ние само, не треба да се согласуваме со сето тоа , туку да истрпиме и – се ќе помине.
Вие прецизно не го одредивте вашето страдање, веројатно затоа што тоа не е нешто одредено; таа неодреденост повеќе од се укажува дека е во прашање ѓаволско насрнување .
Држете се!
Господ допуштил да бидете така искушувана за да покажете дека не се шегувате со зборот на заветот.
Спрема тоа што го преживувате однесувајте се како спрема она што ви е испратено Вам од Господа и говорите како Јов:
Нека е благословено Името Господово!
Најпрвин беше спокојство, а сега е тага Фала на Господа и за спокојството и за тагата. Речете Му на Госпдоа:
ќе претрпам, нека биде волјата Твоја!
Господе, само помогни ми да истрпам.
И постојано паѓајте на коленици пред Господа. На молитвата, призивајте ја и Мајката Божја.
Вие сте изложени на нападот. Ете прилика да го покажете своето умеење да останете во доброто, како војник кога ќе го нападне непријателот. Нека напаѓа непријателот. Вие непоколебливо стојте во доброто.
Повторувајте: ниту за јота нема да ја изменам својата намера и одлука.
Не сакам ништо од она на што ѓаволот ме наговара;
и тогаш набројувајте се она на што тој Ве наговара и проколнувајте и отфрлајте го сето тоа.
И повикувајте го Господа на помош.
Се ќе помине.
Еден добар мирјанин го нападна духот на хулата и на неверувањето.
Говореше:
„Слушам , како непријателите повторуваат во моите уши : нема Бог, нема Христос.
А јас само потврдував:
Верувам, Господи, верувам! Верувам, верувам, верувам! И го отфрлив ѓаволот “.
Така и Вие треба да постапите .
Викајте:
Не го сакам тоа, не сакам друго, не сакам ниту трето – не сакам ништо на што ѓаволот ме наговара.
Сакам само едно – тоа што сум рекла пред Господа во срцето мое.
Велите:
Јас сум навистина голема грешница и Господ ќе ме казни.
Тоа што се чувствувате како грешница е добро чувство. Дури и ако се чувствувате како уште поголема грешница , нема да ја преминете границата на дозволеното.
Сите ние сме големи гршеници. Ако тоа го препишете на својата грешност, нема да има проблеми. Само, немојте да се откажувате од своите внатрешни одлуки и не се препуштајте на случајностите.
Што и да допушта Бог и внатре и надвор, се е усмерено кон нашето очистување и спасение. Он Самиот е близу и ни помага.
Воскреснете таква надеж во вас и во трпение молете се.
Ова и слично на ова, Господ допушта за да можеме да се задобиеме со венци.
Кој ќе издржи, победник е, и му припаѓа венец!
Се она со што се среќаваме и што не опкружува, може да ни донесе венец.
Потребно е само внимание, храброст и тоа, се да примаме од Бога и Нему да Му препишуваме.
Бидете спокојни и не дозволувајте никакви колебања.