СПОМЕН НА ЕДЕН БОГОБОЈАЗЛИВ ПУСТИНИК
Во пустинската гора во околината на градот Антиноја во Египет се подвизуваше еден богобојазлив пустиник. Тој беше успешен во своите добродетели, и многумина добиваа духовна корист од неговите зборови и дела.
Но, како и на сите доблесни луѓе така и нему му позавиде непријателот на човечките души – ѓаволот, и во неговата душа стави помисла дека не треба другите да му служат, бидејќи е недостоен.
И реши, не само тие да не му служат туку и тој никому да не служи. Ако пак не им служи на другите, тогаш заради себе си да стане, да отиде во градот, да ги продаде своите ракотворенија, да си купи што му е потребно и веднаш да ѝ се врати на својата осаменост, и така никому да не му биде на товар.
Тоа му го предложи соблазнителот, зашто му завидуваше на неговото безмолвие, молитвеното молчење, и доброто подвижништво кон Бога, и тоа што на многумина им беше од корист.
Пустиникот ја послуша оваа помисла како добра, не проникнувајќи ја во неа ѓаволската вешта замка. И овој познат и славен монах, на кого сите му се восхитуваа, започна да излегува од својата ќелија.
И кога после долго време виде жена, тој, после долгиот разговор со неа, поради своето невнимание над себе, падна во грев со неа. Тогаш веднаш му стана јасно дека непријателот се израдува на неговиот пад.
Од тогаш почна да очајува затоа што го разжалости Светиот Дух, и Ангелите, и светите Отци, бидејќи многу свети Отци, живеејќи по градовите, го победиле непријателот.
Силно дотолчен од својот пад и заборавајќи на исцелението од гревот, тој сакаше да се фрли во реката и да се удави. Но тогаш си дојде на себе, и почна да размислува дека ако си земе на себе најголем подвиг на покајание и самоизмачување ќе успее да ја измоли Божјата милост со солзи и ридање.
Веднаш се врати во својата ќелија, ѝ ја соѕида вратата, и започна да плаче над себе како над мртовец. И така плачеше, му се молеше на Бога и со пост и бдеење се измачуваше себеси, и многу го исуши своето тело.
Но сепак, мислеше дека доволно не го покајал својот грев. Браќата кои често пати доаѓаа и тропаа на неговата врата заради поуки, тој ги враќаше и им одговараше дека не може да ги прими, бидејќи Му има дадено збор на Бога дека цела година така ќе се кае, и ги молеше и тие да се молат за него.
Не знаеше старецот како да им одговори, а да не се расчуе за неговиот гревопад, за да не се соблазни некој, бидејќи тој беше многу ценет и почитуван. И помина цела година во постојано покајание, молитва и пост.
На Воскресение, тој си подготви ново кандило, го налеа со масло, го покри и во ноќта на Воскресението Христово застана на молитва, говорејќиː
„Жалостив и милостив Господи, Ти сакаш народите да се спасат и да дојдат до спознание на вистината. Кон Тебе прибегнав, Спасителу на нашите душиː смилувај се на мене кој многу Те разгневив, и направив многу работи на радост на ѓаволот!
Но Ти, Господи, кој Ги милуваш и безбожните и немилостивите, а учиш да бидеме милостиви спрема ближните, смилувај се и сожали се на мене бедниот!
Зашто ништо не е невозможно за Тебе! Направи милост, зашто си благ и милостив спрема своите створенија.
Ти ќе ги оживееш и мртвите тела во денот на воскресението. Услиши ме, Господи, зашто исчезна мојот дух, овена мојата бедна душа и изнемоште моето тело, кое го осквернив, и не можам да живеам, бидејќи сум недостоен.
Се дрзнав да прибегнам кон покајание и Те моламː прости ми го гревот ради покајаниетоː имам двократен гревː пад и очајание; но Ти, оживеј ме, Господи, и нареди му на својот оган да го запали ова кандило, за на тој начин да дознаам дека по Твоето преголемо милосрдие Си ми го простил гревот.
И останатото време од својот живот, кое ќе ми го подариш, ќе го поминам во стравот Твој, држејќи ги Твоите заповеди. И ќе Ти служам многу посесрдно отколку порано.
Откако така долго се молеше со солзи, тој стана да види дали кандилото се запалило. И откривајќи го, виде дека не е запалено.
Тогаш повторно падна со своето лице на земја и го молеше Господа, говорејќиː
„Знам, Господи, дека требаше до крај да издржам во подвигот, но не стражарев на своите патишта и повлечен од телесното сладострастие се стркалав во маката на безбожникот. Поштеди ме, Господи, бидејќи еве, повторно пред сите Ангели и Праведници ѝ го исповедам на благоста Твоја својот казнив грев.
А кога луѓето не би се соблазниле, јас пред целиот свет би го исповедал својот грев. Смилувај се на мене, Господи, којшто Ти се исповедам, за и други да поучам! О, Господи, оживеј ме!“
Откако трипати така се помоли, беше услишан; и кога стана го виде кандилото како силно гори. Многу се израдува и се окрепи со надеж во Бога. Восхитувајќи ѝ се на така големата благодат Божја, и Неговото милостиво човекољубие, тој се веселеше со духот што преку палењето на кандилото Бог го извести дека му е простен гревот.
Затоа говорешеː Господи, Ти милостиво им простуваш на душите кои си ги создал.
Додека така се молеше, осамна новиот ден. А тој, веселејќи се во Господа, од радост заборави на телесната храна.
Огнот во кандилото го оддржуваше во текот на целиот свој живот, долевајќи во него масло да не се угасне. И повторно престојуваше во него Духот Божји и на сите им беше познат и од корист.
Кога требаше да си замине од овој живот, неколку дена порано му беше откриен од Бога, часот на неговото заминување. Се упокои во мир, предавајќи ја душата своја во рацете Божји.