„Но, она што апостолите не го знаеја е тоа, дека Господ уште пред тие да помислат на народот и да се сожалат на нивните потреби, Тој, во Својата премудрост, го подготви чудото на божественото изобилие.
Господ Исус Христос само сакаше да ја слушне нивната грижа и на неа да ја накалеми секогаш спремната помош од висините, врз оние коишто со чисто срце ќе ја побараат.
Апостолите бараа Учителот само да го распушти народот, да им даде можност да се снајдат.
Но, Божјото милосрдие се покажува во совршеното самораздавање. Господ не ни дава само леб и риба, Тој и Своето свето Тело и Крв ни ги даде како надсуштествена храна, за која ние секојдневно се молиме“
….
Свето евангелие според светиот апостол Матеј
14:14-22
14. И кога излезе Исус, виде многу свет; и се смили над нив и ги излекува нивните болни.
15. А на стемнување се приближија до Него учениците Негови и рекоа: „Овде е местово пусто, а и доцна е веќе; пушти го народот да отиде по селата и да си купи храна.”
16. Но Исус им рече: „Нема потреба да одат; дајте им вие да јадат!”
17. А тие Му рекоа: „Ние имаме само пет лебови и две риби.”
18. Он им рече: „Донесете Ми ги тука!”
19. И како му заповеда на народот да седне о тревата, ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото, ги благослови и како ги прекрши, ги даде лебовите на учениците, а учениците – на народот.
20. И јадеа сите и се наситија; и кренаа дванаесет кошеви полни со останати парчиња.
21. А оние што јадеа, беа околу пет илјади души, освен жените и децата.
22. И веднаш ги покани Исус учениците Свои да влезат во кораб и да минат на другата страна пред Него, дури да го распушти народот.