Дома Духовност УНИНИЕ (Oчајување)

УНИНИЕ (Oчајување)

0
1295

УНИНИЕ

По среброљубието и гневот следи страста на грешната тага, унинието.
Постојат два вида на тага.

Една е тагата на покајанието, тага заради своите гревови, проткаена со надеж. Светите Отци ја нарекуваат радостотворна тага.

Поинаква е тагата световна. Таа тага е како смрт пред смртта.

Таа тага потекнува од претераната приврзаност на човекот кон земното. Тој во животот го бара она што овој живот не може да му го даде.

Тој бара среќа и се` што се обидува да направи на негови очи секојдневно се руши како кула од карти, и привидот на среќата исчезнува како сенка.

Тој бара постојаност, но тука се` се менува, се` како река тече, се струполува во бездна, како се` на земјата, исчезнува во ненаситната челуст на смртта.

Човекот бара спокој, но околу него е метеж. Тој како да се наоѓа во вечно разбранувано море. Не може да се потпре ниту на пријателите во кои гледа несигурност и себичност.

Тој прави планови, но наидува на безбројни пречки; неисполнетите желби постојано му се враќаат:

Како што брановите, заплискувајќи го брегот повторно брзаат да се вратат во морето, така и желбите, сега веќе како жалост, повторно се враќаат во неговата душа…

Значи, за човекот да го победи демонот на грешната тага, најпрвин мора да ја победи страсната врзаност за светот, страсната врзаност за земното, страсната врзаност за видливото.

„Оној кој ја победил желбата за стекнување ја победил таквата тага“, пишуваат Светите Отци.

Всушност, тие говорат дека понекогаш демонот на унинието и тагата, без никаква причина тајно му приоѓа на човекот, му се прикрадува како змија и ја спалува неговата душа со својот отровен здив, ја исполнува со горка жолч сета скриена внатрешност на неговото срце.

Грешната тага, по правило, преоѓа во уште полуда страст униние (очајување).

Човекот победен од унинието личи на ранетo и во замка протерано животно кое одникаде повеќе не очекува спас. Унинието е отфрлање на Божјата помош, тоа е прекриена омраза кон луѓето.

За време на унинието целиот живот на човекот му изгледа како зло и како празна шега. На човекот му изгледа дека доспеал до некаква мрачна јама од која нема излез.

Сета вселена му изгледа како некаков огромен и бездушен механизам, спремен да го задуши како ништавно зрнце.

Во се` што го опкружува тој не гледа премудрост и волја Божја, туку некаков црн хаос. Крај на унинието е очајувањето и богоборството, кога човекот ја отфрла самата промисла Божја за себе.

Светите Отци говорат дека за време на унинието човекот мора гласно и јасно да ја изговара Исусовата молитва или да пее псалми, зашто псалмите имаат тајна сила за одгонување на духовите на темнината.

Човекот кој паднал во униние треба да ги исповеда сите свои гревови, почнувајќи од детството.

А главното средство кое овозможува да се победи, да се искорени унинието е послушанието.

Кај Отците може да се најдат зборови како што се:

„Послушникот не знае за униние, тој е секогаш радосен.“

 

АРХИМАНДРИТ РАФАИЛ КАРЕЛИН СО ХРИСТОС КОН ВИСОЧИНИТЕ НА ОБОЖЕНИЕТО

Преведе: М. Даниловска