За воспитанието на децата и младите
АНГЕЛИ СО ОТСЕЧЕНИ КРИЛЈА
Учеснички на детски избори за убавина
Отсекогаш сум мислела дека секоја злоупотреба како таква е за осуда, а ако е насочена против децата, ја сметам за ѕверство. Како воопшто може да се сфати злото што им се нанесува на сопствените деца?
Какво објаснување може да му се најде? Некултура? Рамнодушност? Незнаење? Преоптовареност со многу нешта? Но, колку се прифатливи ваквите објаснувања?
Што може да биде поважно од моето дете? Дали е воопшто нормално да се бараат какви било причини за тоа?
Се прашувам себеси: дали денес сѐ уште може да се сретне некое свесно воспитување како такво, или ние едноставно си ги фрламе своите деца во оној моќен вир, во кој целиот свет хаотично јурнал кон никаде… всушност, таму каде што го носи текот?
Ги воспитуваме така како што ни диктира времето во коешто живееме, или ние спроведуваме свесно воспитување, земајќи ја одговорноста врз себе, и ако е потребно (а зошто да не?), одиме спроти текот?
Со други зборови, ги воспитуваме ли ние своите деца за живот во светот или ги воспитуваме за Живот? А ако ги воспитуваме за живот во светот, односно претпочитаме да ги фрламе во бурните бранови на животниот тек, тогаш каде ќе стигнат нашите деца?
Кокетирање или…?
Во последно време сѐ почесто затреперувам кога гледам како девојчиња на возраст за во градинка, или нешто постари, похотливо нишаат со колковите, кога гледам во нивните очиња, кои сѐ уште светат од невиност, својствена за детската возраст, но натежнале од дебел слој шминка и маскара за трепки, во нежните, полнички рачиња на две-тригодишни девојченца, со нокти, што грижливите мајки се потрудиле да ги лакираат, да ги наредат со прстени, бразлетни… И сето тоа под маската на невиност: „Ама што разбира таа!“ „Па и таа сака да биде убавица!“
Токму така. Мајко, навистина, што разбира твоето дете? Си застанала ли барем еднаш да се запрашаш за тоа? Што може да разбере твоето малечко, освен тоа што ти ќе ѝ го пренесеш?
А ти самата, се прашуваш ли на што го учиш своето мало девојче?
Знам дека си вечно зафатена, секогаш имаш некаква работа. И треба некако да ѝ компензираш на ќеркичката за сето тоа време што го поминуваш далеку од неа и кое вие обете го преживувате ужасно болно.
И, тогаш избираш: подобро прекумерно да се преоптоваруваш со работа, за да заборавиш на неа, а таа нека се занимава со секакви занимации, се разбира, колку што може повеќе „едукативни“.
Сепак, треба да помислиме дека таквата компензација во еден момент ќе пукне и ќе нѐ погоди многу болно. Можно е, таа нејзина состојба веќе да станала прв чекор во следните етапи, преку кои твоето дете ќе тргне по патот на преобразување во сексуален објект.
Знам, си мислиш: „А што има лошо во тоа ако девојчето расте како мала госпоѓица-кокетка? Сите госпоѓици треба да бидат елегантни и кокетливи. Тоа е во природата на жените – да бидат такви!“
Ваквиот менталитет во денешно време е вообичаен и општоприфатен. Овој менталитет донекаде потекнува од природниот стремеж на жената кон прекрасното, кон она што ја засилува нејзината чувствителност, кон префинетост и елегантност, но сето тоа нема врска со преобразувањето на едно девојче во жена со детско тело.
Купувајќи му на девојчето „детска“ козметика, мајката го учи: ти си – објект, експонат, што треба да се покаже во јавноста
Не е тајна дека целата козметичка продукција е доволно агресивна дури и за постара кожа, за онаа возрасна група за која е наменета, а за децата, таа е едноставно уништувачка. Сепак, произведувачите на козметика, се разбира, се потрудија да одговорат на барањата на пазарот и пуштија разновидна продукција, наменета исклучиво за девојчиња, кои, можеби, не се ни во пубертетска возраст – продукција, која ја презентираат како безбедна за здравјето на нашите деца.
Но, зад видливата страна на оваа ситуација се крие вистинска трагедија. Се работи за чудовиште, кое се раѓа од тој, да го наречеме, чин на лажна слобода – за жена со тело на дете, со ум на дете. За едно малечко, кое со своите две-три годинки веќе ја добива првата лекција за себеси како жена-објект, која „мора“ да се покажува во излогот на светот, во својство на „експонат“, достапен за сите, што можат да го одберат, да го искористат, па да го вратат назад и да си заминат.
Иако тоа девојче се наоѓа на возраст кога би можело до самозаборав да им се радува на цвеќињата, кои ја украсуваат земјата со своите безбројни нијанси од бои, на птиците, кои ја соединуваат земјата со небото, на облаците, кои се создаваат во височините, научено е на нешто друго: високо да ја цени само вештачката убавина, убавината што го истакнува телото пред очите на публиката и ја закопува во гроб душата. Со други зборови, на девојчето неправилно му ја предаваат лекцијата за убавина.
Ќе прашате, а која е ползата од тоа ако тоа девојче ја гледа убавината на светот, ако им се љубува на неверојатните бои на ливадите, на пример, или на едноставните восхитувачки „живописни ремек-дела“, кои ги украсуваат и најмалите бубачки и птички?
Ползата е оваа: тоа тогаш би сфатило дека секому му е дадена онаа убавина што најмногу му одговара. И кога тоа девојче ќе дојде во оној тежок, пубертетски период од животот, нема веќе да се комплексира затоа што не изгледа според стандардите, што ги одредил светот во којшто живее.
А токму поради тие комплекси, нашите девојчиња прават многу грешки, почнувајќи од најмалку агресивните (бидејќи не можат да се наречат „безбедни“), како, на пример, неколку обетки во увото или некое радикално средство за слабеење, па до сосема агресивните, како што е сексуална врска со првото момче што обрнало внимание на неа, или дури и самоубиство.
А како започнало сето тоа? Започнало од моментот кога сме почнале да му го мачкаме лицето на девојчето со козметика, да му правиме физура и да му ги лакираме ноктите, кога сме го научиле дека му е потребно нешто друго – повеќе од тоа што го добило со раѓањето – за да биде убаво.
Залудно потоа ќе ѝ кажуваме на возрасната девојка дека е убава таква каква што е, дека е доволно да биде насмеана за да го украси животот на момчето што го љуби. Таа нема да верува во тоа.
А и момчето нема да биде задоволно само со тоа. Тоа, исто така, научило дека е потребно нешто повеќе од природната убавина за девојката да му се допадне. Не за да ја љуби. Љубов… Љубов… навистина ретко можеме да видиме како навистина се предава таа лекција.
Облека за да се покаже голотијата
Друг погрешен чекор, кој води кон уништување на сопственото дете и негово преобразување во објект е неправилниот избор на облека. Сите ние ја знаеме облеката, која повеќе открива отколку што сокрива. На некои луѓе им е просто непријатно да гледаат таква облека на јавни места дури и ако ја носат возрасни жени, а камоли мали девојчиња.
Овие денови, поминувајќи на една раскрсница, не можев а да не забележам како еден возрасен маж (специјално не го користам зборот „господин“, бидејќи не сакам да го применам тој збор за кого било, зашто за мене претставува речиси благородничка титула) стоеше во придружба на една госпоѓица, која, се разбира, не беше возрасна.
Таа бавно чекореше во неверојатно кратки панталончиња – последен крик на модата ова лето – и во премногу кратка маичка. А тој ја голташе со поглед. Неверојатно! Нечиј дедо ја голта со очи нечија внука.
Тој знае, веројатно, од „великиот мајстор“ – средствата за масовно комуницирање, дека сѐ му е дозволено. Сѐ што сака. Независно од возраста, од социјалниот статус, од односите меѓу луѓето.
А таа знае дека е експонат, дека тоа е чудесно – да се биде експонат, бидејќи сите девојки, сите ѕвезди се такви, па дури и нејзината мајка, која за неа е идеал, исто така, е експонат. Иако таа мајка, макар инстинктивно, знае дека, како што велат специјалистите (правејќи бедна реминисценција на некакво натприродно откритие, додавам јас), „родителот што не внимава како изгледа во очите на детето, со сопствени раце го урива својот пиедестал“[ Irina Petrea, Și tu poți fi supernanny, București: Ed. Trei, 2007, стр. 77. ].
Зашто, и покрај бунтовничката позиција, која се демонстрира во пубертетската возраст, „детето му придава на својот родител одредена светост“[ Истото, стр. 78.], која не треба да ја уништиме, туку треба да му овозможиме на детето во своите сеќавања да ја сочува иконата на своите родители ненагрдена. Со годините, таа ќе му служи како важен ориентир во моментот кога ќе се соочи со светот што нема ориентири.
Асоцирањето на сексуалност во детска возраст, денес е норма, нешто сосема вообичаено
Меѓутоа, има ситуации кога мајката, која самата не носела супермодерна облека, ја поттикнува својата ќерка во тој правец, купувајќи ѝ провоцирачка облека, заедно со првиот лак за нокти, односно многу рано.
Така, бев зачудена кога на плажа видов девојченца во танга. Секогаш сум сметала дека да се асоцира на сексуалност во детска возраст е апсолутно гротескно. И ден-денес се сеќавам со каков ужас ја читав „Лолита“, зашто тоа го бараа на училиште (патем кажано, колку некои наставници „вдахновено“ пристапуваат кон изборот на дела за задолжителна лектира).
Тогаш се успокоив со мислата дека се работи само за литература, но и сега не можам да видам каква полза може да ѝ донесе на душата таквата литература, која мене, тогаш речиси на возраст од полнолетство, ми предизвика душевна траума, што траеше долг период.
А денес живеам во време што не можев ни во најстрашниот сон да си го претставам. Време кога двегодишни девојчиња носат танга на јавно место, во присуство на своите родители, колку без мозок, толку и горди на таа „слобода“ што ја демонстрираат.
Време во кое единаесетгодишни девојчиња имаат своја линија на интимна облека, во такви престижни компании, како Victoria’s Secret или Kohl’s, вклучувајќи и градници пуш-ап[ Рush-up – долна облека што зголемува одреден дел од телото.], крајно соблазнувачки, иако се наоѓаат во одделот „прв градник“ („first bra“).
„Која е потребата од тоа да се покажуваат градите на возраст кога девојчето само што почнало да се развива? Одговорот е: да се биде дете – тоа веќе не е дозволен изговор да не се покаже својата сексуалност.“[ Wendy Shalit, Girls Gone Mild, Random House Inc., New York, United Kingdom, 2007, стр. XVIII.] Така, мајките, кои одат да купуваaт заедно со девојчињата, го прават тој „мал компромис“ со облеката – а всушност, тоа е уште еден, нов мал компромис, кој, заедно со другите, го забрзува неповратното преобразување на девојчињата во објекти.
Си го поставувам прашањето: облекувајќи го своето девојче како жена што соблазнува, иако е тоа уште дете, зарем не ѝ ја држам опасната лекција за педофилија?
Зарем не ѝ велам дека е нормално возрасен маж, кој повеќе одговара да ѝ биде татко, ако не и дедо, да ја погледне со страсна желба?
Јас лично не сакам да го земам на себе тој ризик, и покрај сите приговори од родителите со „поотворен ум“ (каков ум!?), што можат да ми се истурат врз главата: приговори во смисла на тоа дека не ги подготвувам децата да живеат во реален свет, туку во утопистички.
Ангели со отсечени крилја
Сѐ повеќе ме тишти светот во кој на ангелите не им дозволуваат да си ги пораснат крилјата. Во светот на девојчиња со трепки, натежнати од шминка, во интимна долна облека, која пред само дваесет години би ја натерало и возрасна жена да се засрами.
Во свет, во кој девојчињата држат на градите кукли со изглед на проститутки[ Истото, стр. XIX.], кои не ги учат да бидат мајки, како што нас нѐ учеа нашите пластични кукли и кукли од крпчиња, туку да се однесуваат како возрасни жени, да се облекуваат така што нивните тела да ги привлекуваат погледите на возрасните мажи (Боже, чувај нѐ од свет каде што тоа се смета за нормално!), да бидат толку обземени од својот физички изглед, што значи предвреме да ја демонстрираат својата сексуалност.
И, да – јас ќе продолжам да ги растам своите девојчиња за некој „утопистички свет“. И не само своите туку и девојчињата на своите пријатели. И своите ученички. Сакам сите да ги пораснам за Горниот свет, за Животот, а не за животот во овој свет.
А ако ги растам за Горниот, небесниот свет, тогаш да им овозможам да ги пораснат крилјата за да можат да летаат.
И кога би ги растеле своите деца за Небесниот свет, кога сите ангели, кои Бог ги оставил да живеат со нас, би ги сочувале своите крилја неосакатени, тогаш, можеби, би успеале да го симнеме Горниот свет на земјата и би можеле да живееме и да ги воспитуваме нив за Живот „како на небото, така и на земјата“.
Со љубов и грижа за нашите ангели,
презвитера Алина Мирике
извор: Familia Ortodoxă, бр. 55 (август 2013)
Извор: „Премин“, бр. 123/124