Почитувани! Ви благодарам за оваа рубрика `прашања до духовникот`, каде што можеме да си поставиме прашања кои не ни се доовлно јасни.
Во нашата фамилија имаме една слава и еден именден. Ме интересираат две работи:
Што е најважно покрај дочекот на гостите да се направи тој ден? Некои велат да се даде на сиромаси.
И второ прашање.
Слушнав некаде дека не треба да се носи во црква погача или лепче, туку петолебие. Измесени пет мали лепчиња, споени или одвоени, сеедно.
Какво значење има петолебието и кога се носи?
Одговор на отец Горан Стојчевски:
Најважно е тој ден, за славата или именденот да дојдеме во храмот на Литургија и да се причестиме, таа радост и мир од Литургија да ја пренесеме и на нашите ближни кои ќе нѐ удостојат со нивното присуство дома заедно да се радуваме на настанот за кој сме се собрале во Името Божјо или на светителот.
Дочекот на гости не е самата цел на празнувањето, туку сѐ да вклучено во животот на Црквата (постот, молитвата, исповедта, причестувањето), потоа творење на милост за сиромашните како што споменавте.
Петтолебието се прави на Вечерната богослужба спроти празникот кој го славиме, во спомем на Христовото чудо кога со петте леба нахранил пет илјади луѓе, а тоа се споменува и во самата молитва за благослов на лебот, пченицата, маслото и виното со прозба тоа да се умножи во целиот град, целата татковина и во сиот свет, а верните кои ќе јадат од нив да се осветат.
Од петте леба, еден кој е благословен се носи дома каде домашните и гостите го јадат. Значи петтолебието си има библиска основа.
Она што се практикува меѓу верните е благословување на леб, пченица (варена) и вино, или само леб и вино во спомен на светителот што го славиме како домашна слава или именден, тогаш тоа се прави во храмот или парохискиот свештеник на повик на верните го прави дома.
Како и да е, најважно е да не помине овој ден за сите дома кои слават без да бидеме причестени со Христовите Тајни и чинење на милостиња.