Светиот апостол и евангелист Јован
Споменот на овој голем апостол и евангелист се празнува на 26 септември. А на 8 мај се споменува чудото пројавено на неговиот гроб.
Имено, кога Јован имаше повеќе од сто години, зеде седуммина од своите ученици, излезе од Ефес и им нареди на учениците да му ископаат гроб во вид на крст.
Потоа старецот слезе жив во гробот и беше погребан. Кога подоцна верните го отворија Јовановиот гроб, не го најдоа телото во гробот.
А на 8 мај секоја година се креваше некоја прашина од неговиот гроб, од која се исцелуваа болни од разни болести.
Тропар:
Апостоле, возљубен од Христа Бога, побрзај да ги избавиш луѓето без одбрана, оти, Оној што ти дозволи да се потслониш на Неговите гради, ќе ти дозволи и да Го помолиш за нас.
Него моли Го, Богослове, да го растера и темниот облак на незнабошците, просејќи за нас мир и милост голема.
Кондак
Твоето величие, девственику, кој може да го прикаже, зашто точиш чудеса и излеваш исцеленија, и се молиш за душите наши, како богослов и Христов пријател.