УТРЕНА
Тропар, глас 8.
Со течењето на твоите солзи, си направил да процвета неплодната пустина, а со твоите длабоки воздишки, твојот подвиг донесе стократни плодови, и си станал светилник на вселената, сјаејќи со чудеса, отче наш Арсение! Моли Го Христа Бога, да се спасат душите наши.
Канон на преподобниот, глас 6.
Песна 1.
Ирмосː Фараонот, кој беше на чело на борбените коли, Мојсеевиот жезол, во она време, на чудесен начин го потопи, кога (Мојсеј) со него направи крст и ја раздели водата, а го спаси Израилот кој одеше пеш и на Бога песна Му пееше.
Откако ѝ се покори на Божјата наредба, Арсение, си ја оставил славата на царското богатство, како законодавецот Мојсеј, и, бегајќи од луѓето, си станал сожител на ангелите, заедно со нив веселејќи се.
Бегајќи од метежите, Арсение со тихување го заузди својот јазик, како извор на гревови. Затоа си го запазил својот ум спокоен во молчењето, и си станал достоен дом на Светиот Дух.
Богородиченː Преславни работи се искажаа за тебе низ поколенијата, зашто во утробата Го смести Бога Словото, и остана чиста, Богородице Марие! Затоа те почитуваме сите како наша вистинска застапница, после Бога.
Песна 3.
Ирмосː Христе, Кој во почетокот ги утврди небесата со разум и земјата ја основа на водите, утврди ме на каменот од Твоите заповеди, зашто никој не е свет повеќе од Тебе, Единствен Човекољупче.
Отче Арсение, лошата и мошне груба облека на твојата сиромаштија, со која што Го подражаваше Христа, ти помогна да го заборавиш раскошот на твојата поранешна облека, и те снабди со облека на славата неискажлива.
Откако со смирено срце прими помош од Бога, отче Арсение, ти ги скрши нападите на непријателите, и на горделивите духови, и стана победоносец со твоето смирение.
Богородиченː Си се покажала повисока од херувимите и серафимите, Богородице, зашто ти единствена си Го примила несместливиот Бог во твојата утроба, Неосквернета. Затоа сите верни со песни те славиме, Пречиста.
Кондак, глас 3.
Од Рим засветли како велико сонце, и си стигнал до царскиот град, преблажени, просветлувајќи го со твоите зборови и дела, и растерувајќи секаква магла на незнаењето. Поради тоа те почитуваме, преподобен Арсение, славо на отците.
Икосː Откако го слушна гласот на Господа, преподобен, си ја оставил овосветската красота и си живеел монашки, подражавајќи го ангелскиот живот, богомудре.
Затоа и целиот си се покажал како преобразен, ангел во тело, принесувајќи Му на Христа постење и солзи, непорочна молитва и сеноќно стоење. Затоа си бил храм на Света Троица, пример на монасите и наставник во добродетелите, и постојан топол молитвеник за оние што те почитуваат.
Поради тоа те почитуваме, славо на отците, преподобен Арсение.
Седален, глас 8.
Откако побегна од животните метежи, и минувајќи го животот во тихување, си ги умртвил страстите, и умот си го издигнал кон Бога, и си се покажал како огнен столб и светилник на сите оние што те почитуваат.
Напојуван од дождот на солзите твои, си се покажал како плодно дрво, богоносен Арсение. Моли се на Христа Бога, да им даде прошка на гревовите, на оние што со љубов го почитуваат твојот свет спомен.
Песна 4.
Ирмосː Ти си моја крепост, Господи, Ти си моја и сила. Ти си мој Бог и радост моја. Без да ги оставиш прегратките на Отецот, ја посети нашата сиромаштија. Затоа со пророк Авакум Ти викамː Слава ѝ на Твојата сила, Човекољупче!
Ти си ја принудил својата природа, Арсение, ти си му ги покорил на умот своите страсти, отче, и си владеел со сонот како со слуга. Затоа и за време на сеноќните бдеења си викалː Слава на Твојата сила, Човекољупче!
Ти си Го барал Бога од сѐ срце, преподобне, и колку повеќе Он ти се јавуваше, толку повеќе Го посакуваше, и по својата чистота стана сличен на Него, разговарајќи со Оној што Го посакуваше и, со твоето единство со Него, отче Арсение, си дошол до познание на Бога Кој надминува секакво разбирање.
Богородиченː Ти си пофалба на верните, Безневестна, ти си застапница, ти си прибежиште на христијаните, бедем и пристаниште, зашто ти ги пренесуваш молбите кон Твојот Син, Сенепорочна, и ги спасуваш од неволи оние што со вера и со љубов те знаат тебе за чиста Богородица.
Песна 5.
Ирмосː Зошто ме отфрли од Твоето лице, Светлино незаодна, и мене бедниот ме покри необична темнина! Но, се молам, обрати ме и, кон светлината на Твоите заповеди, патиштата мои насочи ги.
Отче (Арсение), со вера ти го отфрли посредникот на првиот престап што го направи првосоздадениот Адам, знаејќи ги добро ѓаволските лукавства. Затоа ликувајќи во непорочното рајско пристаниште, моли Го Христа Господа.
Откако се одрече од самиот себе, се одрече и од секакво сладострастие и, на рамо носејќи го твојот крст, Арсение, и со љубов барајќи Го Христа, достојно се покажа Негов сонаследник на небесата.
Богородиченː Имајќи мајчинска смелост пред Твојот Син Сечиста, не отфрлај ја твојата заштита за нас, се молиме, зашто ние христијаните те предлагаме тебе единствената за наше милостиво очистување пред Господа.
Песна 6.
Ирмосː Бездната на моите гревови, и бурата на прегрешенијата, ме вознемирува и ме турка во понорот на тешко очајание, но подај ми ја Твојата крепка рака, како на Петра, о Управителу, и спаси ме.
Со бестрастието набожно си ја умртвил мудроста плотска, откако не го возљуби земното наследство, сакајќи да го примиш од Христа небесното наследство, преподобен отче Арсение.
Појавувањето на сонцето го прекрати твоето сеноќно стоење, откривајќи ти на тој начин дека, по твоите подвизи во ноќта на овој живот, ќе те озари неспоредливата светлина на духовното Сонце, Арсение.
Богородиченː Имајќи сострадание, бидејќи Го роди човекољубивото Слово, спаси нѐ од горчливите и лути напасти, зашто ние верните, Пречиста Владичице, те имаме за единствена непобедлива застапница.
Песна 7.
Ирмосː Божјото снисходење го збуни огнот од Вавилон во она време, затоа младите момчиња во печката се радуваа, со весели чекори, како во расцветана градина, и пеејаː Благословен си, Боже, на нашите татковци.
Откако ја сфати погибелта на древните мириси, отче Арсение, трпејќи ги лошите миризби, и откако примањето на благодатта стана благ мирис Христов, си говорелː Благословен си, Боже на отците наши.
Откако телесно влезе во божествениот мрак, отче Арсение, и во Христа се научи да Го познаеш беспочетниот Отец, и Духот, си ја воспеал Единица во Троицаː Благословен си, Боже, на отците наши.
Троиченː Богословејќи за Господарот на вселената, православно учиме за единствениот Единороден Син на единствениот Отец, од Кого происходи Духот на вистината, Кој со нив има иста природа и суштина.
Богородиченː Чиста и неискусобрачна, ти си Го родила Безвремениот во времето, како Дева си Го породила по тело, порано бесплотното Слово. Нему согласно Му пееме викајќиː Благословен си, Боже, на отците наши.
Песна 8.
Ирмосː Халдејскиот мачител, седумпати повеќе од обично, ја разгоре печката за благочестивите момчиња, но кога ги виде спасени од некоја повисока сила, на Творецот и Избавител Му викашеː Благословен си, Господи Боже, во вековите.
Со потоците од солзи, Арсение, благоразумно си го изгаснал душегубниот оган на похотите, и мачителниот пламен што гори во геената. Но не престанувај да Го молиш Спасителот на светот Христа, и нас да нѐ избави и од двата. Него да Го благословуваме во сите векови.
Како некогаш во Вавилон, седум пати повеќе си ја разгорел печката на умилението, и во неа, поросен со светлината на благодатта, на Создателот и Спасител си му викалː Млади момчиња, благословете Го; свештеници, воспејте Го; луѓе, превозносете Го во сите векови.
Троиченː Трисветлото Божество, кое сјае со единствен зрак од единствената триипостасна природа, беспочетниот Родител, единственото Слово на Отецот, и Едносуштниот Дух Кој со Нив царува, момчиња, благословете Го; свештеници, воспејте Го; луѓе, превозносете Го во сите векови.
Песна 9.
Ирмосː Небото се исплаши и краиштата на земјата се зачудија, кога Бог им се јави на луѓето во тело, а твојата утроба стана поширока од небесатаː затоа, Богородице, ангелите и луѓето заедно те величаат.
Мојсеј се зачуди кога се удостои да го види раѓањето на Дева симболично, претставено преку несогорливата капина; но ти, кога целиот се соедини со Светиот Дух во занес, си бил виден светол како оган. Затоа достојно те именуваме блажен, Арсение.
Христос те озари како незаодна Светлина, и радоста те подигна на небесата. Со постојано сеќавање на смртта, животот си го минал чисто и ревносно. Затоа си примил достојна награда за подвизите, себлажени
Богородиченː Дево, се покажа како Мајка Божја, кога натприродно Го роди Бога Словото по тело, Кого што Отецот Го изговори од срцето пред сите векови, зашто е добар; Кого што, иако се облече во тело, ние и денес Го разбираме како Оној Кој ги надминува телата.
Светилен.
Си се отргнал од љубовта кон светот како од нечистотија и, кога со нејадење си го овенал телото, си ја обновил крепкоста на душата, преподобни, и си се збогатил со небесната слава, Арсение.
Затоа не престанувај да се молиш за нас на Господа.
Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Втор том, Февруари – август (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски). – Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.
Подготви Светланка Трајчева