ЖЕНАТА САМАРЈАНКА (13.05.2017 15:00)
„Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Оној што ти вели:
’Дај Ми да пијам‘ – ти самата би побарала од Него и Он би ти дал вода жива…
Секој што пие од оваа вода [обичната, природната], пак ќе ожедни; а кој пие од водата што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни;таа во него ќе стане извор на вода што ќе тече во живот вечен“ (Јован 4, 10; 13–14).
Водата која Богочовекот Христос ни ја дава, и која имајќи ја никогаш нема да ожедниме, е благодатта на Светиот Дух во нашето срце, која ја добиваме при Светото Крштение.
Срцето најнапред треба доволно да се очисти од нечистотијата на страстите, од наслагите на гревот и од влијанието на демонот, па потоа благодатта протекува од него.
Протекувањето на благодатта, односно добивањето и пронаоѓањето на „вода жива“, се пројавува како умно-срдечна молитва и е дар Божји – „водата што ќе му ја дадам Јас“.
Потоа не ни треба духовен раководител, благодатта сама ќе нè води – „вода што ќе тече во живот вечен“.
„Иде време и дошло веќе, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот во дух и во вистина, зaшто Отецот сака такви да бидат оние што Му се поклонуваат.
Бог е Дух, и оние што Му се поклонуваат треба да се поклонуваат во дух и во вистина“ (Јован 4, 23–24).
Вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот во благодатта на Светиот Дух и во исповедањето на вистинската вера.
Поклонувањето во дух и во вистина е едно и исто поклонување, едно и исто дејство, една и иста благодат. И најнапред се случува на едно и исто место – во срцето, а потоа се сведочи и надвор од него.
Без првото, не е возможно ни второто.
Во библиско-антрополошка смисла, поклонувањето во дух и во вистина значи поклонување со исцелен ум. Исцелен ум има човек кој енергијата на својот ум молитвено ја соединил со суштината на својот ум – која се наоѓа во неговото срце.
Бидејќи ова соединување е дејство на благодатта Божја и најнапред времено и аскетски се случува внатре во срцето, исцелениот ум прво се појавува како просветлен ум.
Доколку ова соединување во срцето е постојано благодатно, а не времено и аскетско, тогаш исцелен ум е исто што и обожен ум. Обожениот ум е ум од Духот воведен во сета вистина (види: Јован 16, 13).
Исповедањето на вистинската вера има и свој теоретски – догматски и свој практичен – подвижнички дел. Тие се наразделни.
Неопходно е да веруваме и да исповедаме вистинска, православна вера за да можеме да живееме согласно правилото на верата – начинот на својот живот и подвиг да го восогласиме со нивото на нашата духовна возраст.
И обратно, животот и подвигот согласно правилото на верата водат кон познание на Бог и исповедање на вистинската вера.
„Сега веќе не веруваме од твоето [или нечие] кажување, оти сами чувме и знаеме [лично од Него] дека е Он Спасителот на светот, Христос“ (Јован 4, 42) – ѝ велат луѓето од селото на жената Самарјанка.
Должни сме да го очистиме срцето од гревот и да ја активираме благодатта на Крштението внатре во него.
Самата благодат Божја, потоа, ќе го раководи нашето преобразување.
Плачот и солзите се знак за правилноста на подвигот на сите нивоа од духовниот развој.
Господи Исусе Христе, ни даде сува земја, преку Богородица, дај ни и водни извори!
Митрополит Струмички Наум