Почитувани!
Размисливав дали да Ве прашам, имено прашував и порано свештени лица но не добив конкретен одговор.
Имам гревови, ненамерни, се молам за прошка секојдневно, но прашањето ми е нешто друго.
Не е богохулие, сигурна сум, но би сакала Вие да ми кажете, дали е во ред што многу ги сакам, ги заштитувам и се борам за правда за животните.
Светот околу мене знае во основа да ми суди за мојата пожртвуваност, но јас сакам да знам како и што Библијата учи за помош и љубов кон животните.
Ви благодарам.
П.С Сакам да можам на сурови луѓе, кога ми префрливаат за мојата жртва, да им кажам што Бог мислел за тоа
Христос воскресна!
Одговор од отец Горан Стојчевски
Навистина воскресна!
Пред да ви го напишам одговорот пред зграда една наша состанарка ставаше капки во очи на мачката што ни седи пред зграда, потег на кој никој од нас можеби нема да му текне, освен понекогаш да ја нахраниме.
Тоа е добар пример дека прави нешто добро.
Така и вие правете го она што мислите дека е најдобро и грижете се, не обрнувајте внимание на луѓето кои не го разбираат тоа, но не осудувајте ги дека не покажуваат иста грижа.
Светите Отци велат не само да не возвратиме на навредите туку и да се помолиме за оние кои нѐ навредуваат подобно на нашиот Господ на Крстот, а уште и ако сочуствуваме со оние кои не навредуваат тоа е големо дело, оти и Господ вели:
прости им Оче оти не знаа што прават!
Инаку, светот и тварите го очекуваат прославувањето (воскресението и прображението) на синовите човечки, вели св.апостол Павле.
Сѐ во Христа Богочовекот е пресоздадено за вечност, прво човекот, а во човекот и светот и сѐ во него, што од Бога е создадено за добро, и луѓето кои се образ Божји за кои треба да се погрижиме како за себе си, а потоа таа благодатна љубов да ја пренесеме на природата.
Не можеме нешто да го издвоиме како добро, а нешто да го отфрлиме како зло, а од Бога е.
Така и со сѐ што нѐ опкружува.
Да продолжиме со молитвата која ќе нѐ научи на сѐ, вели еден отец.