Отец Горан!
Mногу често читаме на фб ова треба, ова не треба да правите и работите на тој и тој празник .
Ве молам објаснете дали на празници еве и на овие, може по нешто и да сработиме и по дома, покрај молитвата итн?
Одговор на отец Горан:
Веќе сме одговориле на ова прашање, но во кратки црти, идеалот е да работиме и да пребиваме во молитва, оти и Самиот Наш Господ вели, без Мене не можете да направите ништо.
И така, православното предание ни ја оставила кратката Исусова молитва што може да се кажува секогаш и секаде,
Господи Исусе Христе, помилуј ме мене грешниот/ата.
Или може и Богородице Дево…, или Пресвета Богородице спаси нѐ.
Практично во овие денови или секој празник првенствено на верните им било собирањето во храмот на Литургија и причестувањето, и на пример ако на Велики Четврток наутро одиме на Литургија, а навечер на читањето на страдалните Евангелија, помеѓу во оние часови од еднота до другата богослужба кога луѓето немале како денес побрзи мобилни средства за превоз како денес, а повеќето се занимавале со земјоделство, немале време за да завршат поголема работа и затоа останало дека не се работи тие денови.
Но, денес имаме други можности, да можеме да постигнеме со помалку напор. А, имајќи в предвид дека Бога го имале на прво место, па сѐ друго, важно им било да присуствуваат на богослужбите и да бидат со Бога во тие денови.
Од друга страна знаеме дека отсекогаш во пресрет на Велигден се труделе сите да го очистат домот, да се подготват во секоја смисла за празнување, прво причест, а потоа и работа, одмор и трпеза.
Затоа, да бидеме како нашите предци во тој поглед, в Цркава да празнуваме очистени со исповед, пост и молитва и причест, а потоа и да си сработиме по дома, оти работата нас нѐ чека, па потоа радоста од празникот да ја споделиме со сите со кои ќе се сретнеме.
Оној што работи се моли, и оној што се моли, работи, гласи една латинска поговорка!