Писма, прашања и дилеми од наши читатели:
…
Живеам со мојата баба, која со децении ја заменува грижата на моите починати родители со многу љубов и трпение. Од неа ја научив правата молитва „Оче наш“, ја вкусив првата причест, со неа ми се отворија очите за Бог од моите десет години па наваму. Како по втор пат, токму таа да ме роди во Христа.
Таа со многу такт, внимателно, со трпение ме воведе во верата. Ретко која недела можеше да и` се случи да ја пропушти Божествената Литургија. Секогаш кога бев во можност и јас ја придружував.
Би сакал сега да споделам со вас еден настан кој силно ме потресе и оттогаш, веќе цела година размислувам, што ако тој ден настаните се одвиваа со поинаков редослед?
Баба ме разбуди тивко со зборовите:
„Станувај сине, да не задоцниме за на Литургија.“
Бевме меѓу првите таму и со вистинско внимание го следевме текот на литургијата. Беше празник и Божикна литургија.
Неколкупати во текот на службата ги гледав нејзините солзи врз образите, особено кога го слушна:
“Тебе поем, Тебе благословим, Тебе благодарим, Господи, и… “
Дојде и најсилниот момент, редица мажи од десно и жени одлево после призивот: `Со страв Божји, вера и љубов, пристапете`. тргнаа накај Светињата и путирот за да се причестат.
Откако и самиот ја зедов Светата Причест, погледот ми застана на мојата баба, која тивко и кратко му прошепоти нешто на свештеникот. Речиси гласно, за сите да чујат, тој отсечно и авторитативно и се обрати:
„Никако, си требала да внимаваш, како тоа? Нема причест!“
Мирно, но со солзи во очите, баба дојде до мене, а потоа накај излезот од црквата ми раскажа што се случило, силно обвинувајќи се себеси.
„Јас сум крива, како можев… како, па поарно да умрев отколку да го испијам лекот!“
Што всушност се случило?
Во раните утрински часови нејзе и` се слошило и таа си измерила многу висок притисок. Несвесно, по инерција посегнала по лекот и со малку вода го проголтала. Ниту збор за тоа мене не ми кажа.
„Туф, оф… на Божик, на раѓањето на милиот наш Бог не се причестив, ај, кутра и заборавена јас…,“ како за себе повторуваше таа.
Толку болка и себеобвинување имаше во секој нејзин збор, што таа во вечерните часови доживеа инфаркт. Мислам дека беше – од јад!
Додека ја носевме со брза помош накај болница со испрекинат глас изговараше:
„Ќе си умрам непричестена?!“
Сепак, баба ми се` уште е жива. Ја преброди таа криза и ниту еднаш не ја слушнав да каже неубав збор за свештеникот. Не го споменуваше веќе тој Божикен ден…
Простете ми сите кои читате, па и свештениците, но низ главата многу често ми се врти дилема.
Дали испиениот лек неколку саати пред Светата причест беше доволна причина и толкав грев за одговорот на свештеникот?
Дали ако тој ден, на ден Божик, мојата баба се упокоеше не ќе беше од се`поважно таа да замине од светот причестена во Христос?!
Покрај сите нејзини добродетели, милосрдни дела, начинот на кој ме воспита…, дали тој ситен лек од мака и невнимание испиен, беше толкав грев, тежеше повеќе на вагата на праведноста?!
Би бил задоволен ако со одговор ми помогне некое свештено лице.
ОДГОВОР НА свештеник Горан Стојчевски:
Се случуваат вакви работи заради непознавањето на фактот што е целта на причесната. Таа не е награда за нашата побожност, ниту еликсир за здравје, таа е наше единство со Христа и тоа не било какво, туку крвно единство со Нашиот Господ, Кој Единствено ни е потребен, и затоа итаме кон тоа единство со Него. Без Него ништо не стана, значи и без Него животот наш би немал смисла, оти Самиот е Он Живот Кој ни се дарува токму од Путирот.
Затоа, еден лек, макар и антибиотик кој треба да се испие навреме, ќе се испие, и сѐ друго што ни препорачале докторите и ќе пристапиме кон Причест, секако ова треба да го знае и духовниот отец, затоа е многу важна е таа нитка, и поврзаност со духовниот отец.
Ако знаеме што е суштината на Причеста, тогаш сме свесни дека лекот или некоја друга потреба заради наша телесна немоќ не нѐ одделува од единството со Бога кое од сѐ срце го посакуваме, а Бог знаеме дека гледа на срце.
Проштевајте, но и ние свештениците подолго време под притисок на теологија која е оддалечена од Преданието на Црквата знаеме да постапиме по примерот камилата ја голтаме, комарецот го цедиме.