Кога се молиме за другите, да велиме: „Господи Исусе Христе, помилуј ме”

Молете се за Црквата, за светот, за сите луѓе. Целото христијанство е внатре во молитвата.

Ако се молите само за себеси, тоа крие себичност.

А, кога се молите за Црквата, тогаш во Црквата сте и вие.

Во Црквата Христос е соединет co неа, но и co Отецот и Светиот Дух. Светата Троица и Црквата се едно.

Вашиот копнеж треба да биде да се освети светот, сите да бидат Христови. Тогаш влегувате во Црквата, ја живеете радоста на рајот, во Бога, затоа што сета полнота на Божеството живее во Црквата.

Сите сме едно тело, чија глава е Христос. Сите сме Црква.

Нашата религија ја има таа величина, духовно да го соединува светот. Силата на молитвата е голема, многу е голема, a особено кога се молат многу браќа.

Во заедничката молитва се соединуваат сите.

Нашиот ближен треба да го чувствуваме како себеси. Тоа е нашиот живот, нашата радост, нашето богатство.

Co Христос сѐ е лесно. Христос е центарот. Сите се насочени кон центарот и се соединуваат во еден дух и во едно срце.

Такво нешто се случило на Педесетница.

Кога сите во истиот час и на истото место го слушаат Псалтирот и сите други читања, се соединуваат во слушањето преку Божјата благодат, затоа што она што го кажува читачот, го слушаат сите и учествуваат во тоа.

Силата на многуте се размножува, како да гледаат нешто убаво и сите заедно го гледаат co стремеж. Нивното гледање, насочено кон нешто убаво, ги соединува меѓусебно.

Пример за тоа е ослободувањето на апостолот Петар од затвор: „Црквата непрестајно се молеше за него” (Дела 12, 5). Таа молитва го извадила Петра од оковите на затворот.

Љубовта, служењето на Бога, копнежот, соединувањето co Бога, соединувањето co Црквата е рај на земјата.

Ако ја привлечеме Божјата благодат, тогаш сѐ е лесно и радосно, и сѐ е благослов Божји.

Ајде најди ми религија која го прави човекот совршен и среќен. И штета е да не ја сфаќаме таа величина!

Кога имаме некаков проблем ние или некој друг, да бараме и од другите да се молат и сите да Го молиме Бога co вера и љубов. Бидете сигурни дека Бог се радува на тие молитви и интервенира, правејќи чуда.

Ова не сме го сфатиле баш добро. Сме го прифатиле некако многу едноставно, па велиме: „Помоли се за мене”.

Повеќе ќе се молите за другите отколку за себеси.

Ќе велите „Господи Исусе Христе, помилуј ме”, а во себе секогаш ќе ги имате и другите.

Сите сме деца на истиот Татко, сите сме едно. Затоа кога се молиме за другите, велиме „Господи Исусе Христе, помилуј ме”, а не „помилуј ги”. На тој начин ги правиме едно co себеси.

Молитвата за другите, која се извршува благо, неприсилно и co длабока љубов, е несебична и носи голема духовна полза. Таа го облагодатува тој што се моли, но го облагодатува и оној за кого се моли, му ја носи Божјата благодат.

Кога имате голема љубов и таа љубов ве поттикнува на молитва, тогаш брановите на вашата љубов одат и извршуваат влијание кај оној за кого се молите, и околу него создавате заштитен синџир и така го водите кон доброто.

Гледајќи го вашиот труд, Бог богато ви ја дава Својата благодат и вам и нему.

Но треба да умреме за себеси. Разбирате ли?

Пренесено од книгата “Животот и словата на старец Порфириј Кавсокаливит”

Превод од грчки јазик: јеромонах Атанасиј Арсоски

Претходна статијаСРЕБРОЉУБИЕ!
Следна статијаАнгелите не се молат за да добијат нешто. Тие се несебични…