ПРАВИЛО ПРЕД СВЕТА ПРИЧЕСТ

МОЛИТВА 6-та на свети Симеон Нов Богослов

Од нечистата уста, од срцето гадно, од јазикот поган и од душата грешна, прими молба Христе мој, и не ги презирај ни зборовите ни мислите, ни бесрамноста, туку дај ми смело да го кажам она што го сакам Христе мој, и научи ме што треба да правам и што да зборувам.

Согрешив повеќе од блудницата, која, кога дозна каде се наоѓаш купи миро и смело пристапи да ги помаже нозете Твои, Боже мој, Владико и Христе мој.

 

И како што не ја осуди онаа, која од срце ти пристапи ни од мене не гнаси се, Боже, и Твоите нозе дај ми да ги целивам и со потоци солзи како со скапоцено миро смело да ги облевам.

Измиј ме со солзите мои, очисти ме со нив, Боже, прости ми ги прегрешенијата мои и прошка дај ми. Ти знаеш дека имам многу гревови, ги гледаш раните мои, но и верата моја и желбите ги знаеш, и воздишките ги слушаш.

Не е скриена од Тебе Боже мој, Создателу мој, Избавителу мој, ниту една солза ниту делче од капка солзна. Уште пред да сум направил нешто, тоа го виделе очите Твои. Во книгата Твоја е напишано и она што се’ уште не е сторено.

Погледни го смирението мое, погледни го сиот мој напор и сите мои гревови прости ми ги, Боже на сите творенија, та со чисто срце, со мисла трепетна и со душа скрушена, да се причестам со пресветите и пречисти тајни Твои, со кои се оживува и обожува секој кој што со чисто срце ги јаде и пие. Зашто си рекол, Владико мој:

„Кој го јаде Телото Мое и ја пие Крвта Моја во мене живее и Јас во него”.

Вистинит е секој Твој збор, Владико и Боже мој. Зашто, причестувајќи се со божествените и боготворни Твои дарови, јас веќе не сум сам, туку со Тебе, Христе мој, Светлино Трисолнечна, што го просветуваш светот.

Нека затоа не бидам сам, без Тебе, Животодавецу, Дихание мое, Животу мој, Радост моја, Спасение на светот. Затоа Ти пристапив како што гледаш, со солзи и душа скрушена и Те молам, прошка на гревовите да добијам и неосудено да се причестам со Твоите животодавни и непорочни Тајни. Та, да бидеш како што си рекол со мене најбедниот, за да не ме грабне прелестникот наоѓајќи ме без Твојата благодат, и заблуден, да не бидам отстранет од Твоите боготворни зборови.

Затоа, кон Тебе припаѓам и топло Ти се молам;

како што заблудениот син го прими и блудницата која Ти пристапи, така прими ме и мене блудниот и нечист, Милостиви. Со душа скрушена сега кон Тебе приоѓам. Знам, Спасе, дека никој не Ти згреши како јас, ниту го стори она што Јас го сторив.

Но, сепак знам, дека ни величината на прегрешенијата, ни мноштвото гревови не го надминуваат долготрпението, ни крајното човекољубие Твое, Боже мој. Но оние кои што сесрдно се каат, по милоста на Твоето сострадание, ги очистуваш, ги осветуваш и ги чиниш пристапници на светлоста и заедничари на Божеството Твое.

И често, како на свои ви стински пријатели, им кажуваш нешта кои се чудни и за ангелите и за умот човечки. Тоа ме окрилува, тоа ме чини смел, Христе мој, и со надеж на Твојата богата кон нас добродетел, се радувам, истовремено и треперам.

Со оган се причестувам -јас трева и, о, необично чудо!

Надумно бивам оросен, како капината која во дамнина несогорливо гореше. Со благодарен ум, сега, и благодарно срце, и душа и тело благодарно, Ти се поклонувам, Те величам и Те славам, Боже мој, Кој си благословен, сега и вечно. Амин.

Претходна статијаПОЧИТУВАЊЕ НА ПОСТАРИТЕ – Кога не внимаваат мајките, пропаѓаат децата. (Старец Пајсиј)
Следна статијаМОЛИТВА ЗА ГРИЖА НА ЧЕДАТА