Прашање:

Живеам нормален христијански живот, редовно со редок исклучок одам во црква секоја недела, постам и се причестувам кога сум спремна за тоа, но осеќам немир во душата, нервоза и напнатост.

Отец, како да најдам мир и трпение во душата?

 

ОДГОВОР на отец Григориј Јакимов:

Навистина изненадува вашата констатација за живеење нормален живот и е за поздравување, во ова време кога она што за Црквата е нормално, за светот е ненормално и обратно.

А, „нормален“ живот е всушност христијанскиот, препознатлив само кога сме редовни, свесни и активни учесници на светата Евхаристија (Литургија), причестувајќи се со Телото и Крвта Христови, но и сведочејќи Го Христос во светот преку нашиот личен пример.

Во вашето кратко излагање ја набројувате накратко содржината за христијанскиот живот.

Но освен редовното одење во Црква, постот и причестување недостасува уште некоја алка од синџирот, а тоа е Светата Тајна Исповед и Покајание и молитвата која е придружник на постот.

Значи пред да се причестиме треба да сме исповедани, затоа потребно е секој христијанин да си има свој духовен отец кај кого ќе се исповеда и соодветно на неговиот благослов и да се причестува со Светите Тајни, и заеднички со него духовно се расте.

Понекогаш духовникот може да наложи според силите на духовното чедо и молитвено правило заради континуитет во духовниот живот.

Затоа ако немате, да си побарате духовник . Но ако имате, повторно побарајте го за разговор во врска со вашата состојба.

Бидејќи мирот е навистина се` што му е потребно на еден човек, а духовниот отец со ваш личен подвиг ќе помогне и изнајде начин да го всели Миротворецот (Господ Исус Христос) во вас.

Еве што велат светите отци за нервозата и мирот:

„Нервозноста и гревовноста се тесно поврзани меѓу себе, па едното го раѓа другото. Во светоотечките дела често ни се укажува на тоа дека е неопходно да се чува душевниот мир.

Стекни дух смирен и ќе се спасат илјадници покрај тебе“ – св. Серафим Саровски.

А преподобен Алексиј пишувал:

„Не ви посакувам ниту богатство, ниту слава, ниту успех, па ниту здравје, туку само душевен мир. Тоа е најважно. Ако имате мир, ќе бидете среќни.“

Господ и Богородица со Вас.

Претходна статијаOд сѐ свето, Таа е најсвета…!
Следна статијаКрстот и начинот на живот!