“Некои луѓе бараат чудо од горе за да поверуваат.

Забораваат дека чудото ја ограничува слободата на човекот и, на некој начин, го принудува да верува, состојба која се коси со слободата на православната духовност.
Односот со Бог треба да го градиме слободно и љубовно, а Бог знае точно кога и како да го дозира со знаци и чуда, коишто најчесто се лични, а не јавни.

Денес, најголемото чудо е сострадалноста, да најдеш човек што сочувствува и сострадува со оние што страдаат.
Затоа е и чудо да најдеш човек што правилно се моли и причестува.

Односот со Бог изграден врз чудо трае колку што и впечатокот од чудото или интересот од односот, за разлика од личниот однос со Бог изграден врз основа на личносен подвиг на љубов кон Него.

Тоа го гледаме во следното евангелско случување:

„А Он им заповеда и рече: ‘Внимавајте, чувајте се од квасот фарисејски и од квасот Иродов!‘ И си размислуваа помеѓу себе, велејќи: ’Тоа е што немаме леб‘“.

Гледате, Неговите ученици многу брзо заборавија на чудата со умножување на рибите и лебовите, за што Христос потоа ги потсетува.

Но што е тоа „квас фарисејски“?

Квас фарисејски е верата, учењето, традицијата, како и организирањето на религиозниот живот од свештенство кое нема внатрешно духовно покритие за чиновите кои ги носи и позициите кои ги зазема.

Таквото свештенство сѐ што прави, прави за свој индивидуален интерес и додека има некој интерес;
таквото свештенство е организирано да зема, а не да дава.

А што е „квас Иродов“?
Исто што и „квасот фарисејски“, но се однесува за оние кои раководат со државите.“

http://www.mpc.org.mk/pouka.asp

Претходна статијаВо нашите помисли е ‘проблемот’! Старец Пајсиј
Следна статијаБОГОЈАВЛЕНИЕ  –  Свети Григориј Палама