– А зошто, старче, понекогаш еден ист настан еден човек го смета за благослов, а друг за несреќа?
-Секој од нив го толкува во склад со својата помисла. Секое нешто можеш да го видиш од добра или од лоша страна.
Сум чул за следнава случка:
Во еден манастир кој се наоѓал во населена област, според типикот вечерна и утрена служеле на полноќ, а доаѓале и мирјани, бидејќи манастирот бил опкружен со куќи кои малку по малку биле изградени веќе и сосема блиску до манастирот.
Еднаш еден млад монах, почетник, заборавил да ја затвори својата келија и во неа влегла некоја жена.
Кога дознал за тоа, секирации, грижи, зло! О, се осквренила келијата.
Страшно, крај на светот! Зел алкохол, го истурил на подот и го запалил за да ја исчисти!
Малку недостигало да го изгори целиот манастир. Подот на својата келија го изгорел, но својата помисла – не.
А требало, пред сé, својата помисла да ја изгори, бидејќи злото било во неговата помисла.
Да имал добра помисла, би рекол дека жената која била во неговата келија влегла од побожност, за да и биде за добро, за да прими благодат, за и она во својата куќа да се бори за духовно да се збогати и да Го слави Бога.
Од тоа какви се помислите на некој човек се гледа неговата духовна состојба.
Луѓето носат суд за нешто во зависност од тоа каква содржина имаат нивните помисли.
Ако нивните помисли не поседуваат духовна содржина, донесуваат погрешни заклучоци и на другиот му нанесуваат неправда.
Ако, на пример, човек кој дели милостиња навечер за никој да не го види, види некого доцна навечер на улица, никогаш нема да помисли нешто лошо за него.
Но ако тој човек го види доцна навечер на улица човек кој ја минува ноќта во грев, ќе рече:
„Види го ти никаквецот, кој знае каде ја минал ноќта“, бидејќи и самиот има такви искуства.
Или, ако навечер од горниот кат се слуша дум дум, некој кој има добри помисли ќе рече:
„Оној горе прави метании“, а од друга страна, некој, кој нема добри помисли, ќе рече:
„Цела ноќ танцува“.
Ако се слуша музика, оној првиот ќе рече:
„Колку е убава музиката“, а оној другиот: „Ама какви песни се тоа?!“