ПРИКАЗНИ ВО ПРИКАЗНАТА ЗА ПРАВАТА НА ЖЕНАТА:
Отсекогаш, луѓето сонувале за подобар живот. Многу неправди се направени во име на правдата.
Многу ропства се воспоставени во име на слободата.
Такви се приказните за еднаквост и слобода: на почетокот имаат призвук на бајка, потем се претвораат во сурова стварност. Историјата е полна утопии претворени во дистопии.
Приказната за женските права на општествена еднаквост со мажите е една од тие тажни приказни. Трае долго, крајот е неизвесен.
На почетокот на 20 век имаше призвук на голема идеја која ќе го промени светот на подобро.
Кон крајот на векот, се засили академски и научно, со феминистичките студии кои за кратко време се трансформираа во „родови студии“.
Родовите студии понудија нова перцепција на човекот и неговиот полов и сексуален идентитет.
Тие предизвикаа пресврт во феминистичката парадигма втемелена врз бинарноста на биолошките полови и не-еднаквите социјални, економски и други права на мажот и жената.
Родова парадигма не се повикува на човечката биологија, туку на општествената перцепција.
Според неа, луѓето не се раѓаат со својот род, туку го создаваат од најрана возраст, преку образовни, културни, комуникациски, медиумски, социјални и јазични политики.
Родот е општествен конструкт, конвенција. Тој е нешто произволно, арбитрарно. Производ на општествен, заправо политички и идеолошки договор.
Бескрајното клопче на трансродовата дистопија започна да се одмотува, дискретно, уште 1970 година, кога е измислен терминот трансродовост (transgenderism), по аналогија на термините транссексуалност и трансвестија.
Но, 2014 година, со „Истанбулската конвенција“, повторно под претекст на феминизмот, веќе експлицитно се промовираат глобални трансродови политики.
Бајката за рамноправноста на жените со мажите која ги освои симпатиите на демократскиот свет, веќе се заканува да се претвори во хорор приказна и грда стварност.
Време е да се демистифицира оваа приказна втемелена врз начелото на произволна перцепција и поткрепена со тенденциозни образовни политики.
Време е, затоа што оваа „приказна во приказна“ не е ни наивна, ни последна. Таа е увод во целосен распад на здравиот разум.
Таа создава конфузија меѓу поимите пол и род, меѓу родовост и сексуалност, меѓу и трансродова и транссексуална ориентација.
Таа ги загрозува правата на жените за коишто се бореа некогашните храбри генерации.
Таа ги злоупотребува личниот идентитет и правото на приватност на децата и младите.
Таа ги релативизира идентитетите до тој степен што ги укинува во реалноста.
Таа создава проблематични урбани митови.
Сувереноста на индивидуата за којашто се залагаа генерациите на Модерната и Постмодерната е доведена во прашање. Време е за сериозен дијалог, а не за примитивни иконографии.