Одговор на објавата: Предлог законот за родова еднаквост ја унапредува родовата еднаквост во општеството, целиме кон општество без стереотипи, враќањето назад е уназадување на општеството, од 21.03.2023 г. (22.03.2023 10:47)

 

Почитувана министерке Тренчевска,

Ви се обраќам со Почитувана не поради Вашата титула што ја носите како висок државен функционер, затоа што титулите не се мерило за тоа кој колку заслужува почит, туку поради тоа што одредени настани и лица имаат значење и за двајцата, и истите непосредно нè поврзуваат.

Ја прочитав горепосочената објава и иако е јасно дека е излезена од „перото“ на малициозен родов активист, сепак, со оглед на тоа што истата се наоѓа на сајтот на Министерството за труд и социјална политика и претставува еден вид порака до мене, решив да Ви се обратам лично Вам како одговорна за именуваното Министерство.

 

Самата објава ја потврдува мојата поента од трибината дека институциите станаа заложници на родовите идеолози.

Патот на тие идеолози беше истрасиран од Вашата претходничка, Мила Царовска, која успеа да издејствува да навлезат во сите пори на државата, и како резултат сега имаме креирање на законски решенија исклучиво од страна на активисти, без да се слушне волјата на мнозинството од народот.

Следствено, се чини дека Министерството потфрлува во приоритетот за унапредување на правата на сите граѓани.

Доколку навистина сте биле транспарентни и сте организирале дебати на кои секој можел да изнесе став, како што се вели во објавата, се прашувам зошто таа

„транспарентност“ не беше видлива и јавно разгласена?

Дали на тие дебати имаше спротивставени страни, од кои едните не се согласуваат со донесувањето на законот за родова еднаквост, или тие „дебати“ во суштина беа еднострани монолози?

Се обидовте ли воопшто да поканите лица и организации кои застапуваат една поразлична перспектива, со цел Вие како сериозен и одговорен раководител на Министерството да донесете правилна одлука, откако ќе го ислушате и двете страни?

Всушност, реакцијата на народот во врска со трибината што беше одржана минатата седмица говори дека не сте направиле простор за вистината и дека нема подобрување, туку само назадување и регресија на законското решение.

Доколку навистина имаше подобрување, ќе немаше потреба да излезете со гореспомната објава како контрареакција на реакцијата на народот.

Во објавата се вели дека ставовите изнесени на трибината во однос на родовата еднаквост се „погрешно интерпретирани, користејќи реторика која е спротивна на основните принципи за човековите права“, за веднаш потоа да го побиете тоа Ваше тврдење.

Најпрво тврдите дека родовата еднаквост се однесува на „зајакнување на жената во општеството“, за на крај да ја завршите реченицата со зборовите дека целта на законот е „да создаде услови за остварување на потенцијалите на сите луѓе, без разлика на полот, родот и родовиот идентитет“, со што експлицитно ги поистоветувате жените со мажите што се идентификуваат како жени.

Со само една реченица успеавте да докажете дека целта на овој закон не е подобрување на положбата на жената и унапредување на нејзината улога во општеството, туку напротив, целта е издигање на одреден вид мажи што страдаат од психичко растројство над сите жени и над сите мажи во Македонија.

После ваква изјава, редно е да го тргнете Вашиот дискурс „се залагаме за правата на жените“ настрана и да бидете транспарентни со народот дека според Вас, жените можат да имаат машки гениталии и мажите можат да раѓаат.

 Верувам дека како политичар веќе Ви е познато од искуството на западниот свет дека со вакво игнорирање на биолошките разлики меѓу двата пола, директно и бескруполозно се нарушуваат човековите права на жените, кои претставуваат 50% од населението во државата.

Што се однесува до тоа дали погрешно сум ја интерпретирал „родовата еднаквост“, доволно сведочат линковите и фотографиите кои ги презентирав како факти, потврдени од еминентни психолози, психијатри, биолози, доктори, лица што биле длабоко инволвирани во „родовата еднаквост“, научници, и искусни политичари.

 Доколку не успеавте да посветите должно внимание на трибината и овој текст го напишавте само нагаѓајќи што сме зборувале на истата, Ви стојам на располагање да Ви ги испратам сите релевантни линкови на Ваше разгледување.

Но, она што е уште поубедливо дека не сум погрешил во интерпретацијата е самата Ваша објава, од која половина е објаснување дека полот и родот се две различни нешта, дека човек со машки пол може да биде и жена и дека сите „стереотипи“ кои тоа го негираат, треба да се искоренат.

 Меѓутоа, со оглед на тоа што родовата идеологија во самата суштина се темели на нестабилни и контрадикторни аргументи, така и авторот на објавата не успеа да согледа дека прави една фатална грешка, со што ја побива сопствената теза.

Имено, авторот објаснува дека „биолошките и физиолошки карактеристики ги дефинираат мажите и жените“, со што јасно укажува што е маж, а што жена и дека ако некој не ги поседува соодветните полови карактеристики, без разлика на тоа како се чувствува, не може да биде маж, т.е. жена.

 

Сексуалното образование во училиштата е предмет на дискусија во која треба активно да учествуваат родителите и за истото да се воведе мора да издејствувате широк општествен консензус.

Во спротивно, секое наметнување е директен атак на слободата и уставно гарантираното право на родителите да одлучуваат како да ги воспитуваат и образоваат своите деца.

Од прирачниците, кои се јавно достапни, досега можевме да видиме дека им се сугерира на децата дека можат да започнат со сексуални односи на која било возраст и можат да експериментираат со сексуални партнери, па затоа има потреба да се тестираат од сексуално преносливи болести.

Оваа воопшто не спаѓа во категоријата „одговорно однесување“, кое вие тврдите дека ќе биде плод на сеопфатното сексуално образование.

Ставовите дека има безброј флуидни родови идентитети и дека маж може да раѓа, а жена може да има пенис, се штетни и разорувачки за психофизичкото здравје на децата.

За ова, како што реков погоре, дополнително можам да Ви ги доставам сите линкови од научници и експерти кои алармираат децата да се држат подалеку од такви идеологии.

За крај, обидите да ми се забрани да изнесам свои ставови, поткрепени со докази и манипулативно да се оцрнува мојот лик од страна на активистите коишто Ви го срочиле текстот, претставува дискриминација на верска основа и цензура на слободниот говор, кој мене, а и на сите граѓани на Македонија, ни е гарантиран со Уставот.

Се надевам ќе се сложиме дека една сериозна владина институција не смее да си дозволи такво нешто во земја каде што владее демократијата.

Викарен Епископ г. Јаков Стобиски

ИЗВОРСтрумичка епархија
Претходна статија,,Благословувајте и не проколнувајте…” (Старец Пајсиј)
Следна статијаСветите четириесет маченици во Севастија