Тропар на светите
Христови 40 великомаченици
во Севастија

Небесни ѕвезди, маченици свети,
во Бога верувавте, Христа го исповедавте
од Духот Свет не отстапивте,
затоа ете од Пресветата Живототворна Троица,
прославени сте,
примете и од нас пофалба, слава и чест
и молете се за наше спасение о, вие
горостаси на верата Христова.

Откако ќе се испее тропарот се читаат имињата на 40 те маченици:

Свети : Кирион, Кандид,

Домн, Исихиј,

Ираклиј, Смарагд,

Евноик, Валент,

Вивијан, Клавдиј, Приск, Теодул,

Евтихиј, Јован, Ксантиј, Илијан,

Сисиниј, Агиј, Аециј, Флавиј,

Акакиј, Екдит, Лисимах, Александар,

Илија, Горгониј, Теофил, Дометијан, Гај,

Леонтиј,  Атанасиј, Кирил, Сакердон, Николај, Валериј,

Филоктимон, Северијан, Худион, Мелитон и Аглај.

Светите четириесет маченици во Севастија

Сите овие беа војници во римската војска, но тврдо веруваа во Господ Исус.

Кога настана гонење во времето на Ликиниј, ги изведоа на суд пред војводата, а тој им се закани дека ќе им ја одземе војничката чест.

На ова еден од нив, Свети Кандид, одговори:

„Не само војничката чест туку и телата земи ни ги; нам не ни е ништо помило и почесно од нашиот Бог Христос“.

По ова војводата им нареди на слугите да ги каменуваат овие светии

. Но кога слугите фрлаа по нив камења, камењата се враќаа сами и паѓаа врз тие што ги фрлаа, па луто ги изудираа.

Еден камен му падна на војводата в лице и му ги скрши забите. Мачителите, лути како ѕверови, ги врзаа светиите и ги фрлија во тамошното езеро и поставија наоколу стражари за ниеден да не излезе од водата.

Имаше силен мраз, езерото мрзнеше околу телата на мачениците.

За да бидат маките посилни, мачителите загрејаа и осветлија бања покрај езерото близу до страдалците, за тие гледајќи ја некако да се подлажат и да се одречат од Христа, а да ги признаат римските идоли.

И навистина, еден се опрелести, излезе од водата и влезе во топлата бања.

Но ноќта падна една необична светлина од небото, па ја загреа водата во езерото и телата на мачениците, а со оваа светлина од небото се спуштија триесет и девет венци врз нивните глави.

Ова го виде еден од стражарите на брегот, па се соблече, го исповеда името на Господ Исус Христос и влезе во езерото за самиот да се удостои со четириесеттиот венец на предавникот.

Врз него навистина слезе тој последен венец. Утредента сиот град се изненади кога ги виде мачениците живи.

Тогаш злобните судии наредија и ги претепаа, а телата им ги фрлија во водата за да не ги земат христијаните.

На третиот ден Светите маченици му се јавија на тамошниот епископ Петар и го повикаа да ги собере од водата и да ги извади нивните мошти.

Епископот излезе ноќе по темнина заедно со својот клир и по водата видоа како светат моштите на мачениците.

И секоја коска што беше одвоена од нивните тела исплива на површината и светеше како свеќа.

Ги погребаа чесно.

Нивните души отидоа кај Господ Исус, намачен за сите нас и воскреснат со слава. Чесно пострадаа и стекнаа непропадлива слава во 320 година.