Извадок – НА СВЕТИОТ И ВЕЛИКИ ЧЕТВРТОК
УТРЕНА
По Шестопсалмие Алилуја: глас 8.
Тропар, глас 8:
Кога славните ученици, при миењето на нозете на Вечерата, се просветлуваа, тогаш злочестивиот Јуда, болен од среброљубие, се помрачуваше и на беззаконите судии, Тебе – праведниот судија – Те предава.
Душо среброљубива, гледај каде оди да се обеси таквата душа; одврати се од среброљубието на Јуда, кој се осмели да Му направи такви работи на Својот Учител; Господи, Кој си добар за сите, Слава Ти (3-пати).
Потоа, Евангелие според Лука, зачало 108, од половина, а крајот е во зачало 109 (односно: 22, 1-39). И псалм 50. Молитвата:
Спаси ги, Боже, луѓето Твои: не ја кажуваме.
Канон, творба на господин Козма, глас 6. Ирмосите по двапати, а тропарите на 6.
Песна 1
Ирмос: Црвеното Море се разделува, а дното се исушува; за народот без оружје станува проодно, а гроб за оние со оружје; кон Бога, пак, песна се вознесува: Христос, нашиот Бог, славно се прослави.
Неизмерната Мудрост Божја, која е причина на сѐ, и дарител на живот, си создаде храм од чистата неискусомажна Мајка, зашто, откако во телесен храм се облече, Христос нашиот Бог славно се прослави.
Вистинската Мудрост Божја, тајно водејќи ги пријателите свои, им подготвува душехранлива трпеза и за верните ја полни чашата на бесмртноста.
Да пристапиме набожно и да повикаме: Христос, нашиот Бог, славно се прослави.
Сите верни, да ја слушнеме несоздадената Премудрост Божја, која ни упатува врвна порака, зашто вика: Вкусете и видете колку е добар Господ, и запејте: Христос, нашиот Бог, славно се прослави.
Песна 3
Ирмос: Господ, Кој е Создател и Бог на сите, иако нестрадален, откако осиромаши, создаденото со Себе го соедини, и Самиот Он, како наша Пасха, се принесе на жртва за оние што сакаше со Својата смрт да ги спаси, викајќи: Јадете го телото Мое и со вера утврдете се.
Со Твојата чаша на радоста, Добри, избавителна за целиот човечки род, откако ја наполни, ги напои Твоите ученици, бидејќи Самиот Себе се жртвуваш, викајќи: Пијте од неа, ова е Мојата крв, и со вера утврдете се!
На Твоите ученици си им претскажал, Незлобиви: Еден од вас е предавник; тој е безумен и не ги разбира овие работи, и никогаш нема да ги разбере! Но вие останете во Мене и со вера утврдете се!
Седален, глас 1.
Подобен: Гробот Твој:
Оној што ги создаде езерата, изворите и морињата, давајќи ни пример за врвно смирение, се препаша со крпа и нозете на учениците им ги изми, смирувајќи се поради Неговото преизобилно милосрдие и издигнувајќи нѐ од бездната на злото, единствениот Човекољубец.
Седален, глас 3.
Подобен: На божествената вера:
Смирувајќи се поради милосрдие, си ги измил нозете на Твоите ученици, и си ги подготвил да Го следат Бога. И Петар, кој одбиваше да биде измиен, веднаш се покори на Божјата заповед и, додека го миеше, срдечно Те молеше, да ни даруваш милост голема.
И сега: глас 4.
Подобен: Си се јавил:
Господи, додека јадеше со Твоите ученици, таинствено си го навестил Твоето сесвето жртвување, со кое од смртта се избавивме, почитувајќи ги Твоите чесни страдања.
Песна 4
Ирмос: Предвидувајќи ја Твојата неискажлива тајна, Христе, пророкот извика: Ти ја покажа силата на Твојата крепка љубов, Оче штедар, зашто си Го испратил Твојот Единороден Син за очистување на светот, Благи.
Одејќи, Христе, на страдање, кое е извор на нестрадалност за сите луѓе од Адама, на Твоите пријатели си им рекол: Имав желба оваа Пасха да ја јадам со вас, зашто Отецот Ме испрати во светот Мене – Единородниот (Син), заради (негово) очистување.
Пиејќи од чашата, Бесмртен, на учениците си им викал: Додека сум со вас, повеќе нема да пијам од овој лозов плод, зашто Отецот Ме испрати во светот Мене – Единородниот (Син), заради (негово) очистување.
Песна 5
Ирмос: Соединети со врската на љубовта, Апостолите дозволија да им ги измие нозете Христос – Господарот на сите, Кој ги направи благовесници на мирот во целиот свет.
Премудроста Божја, која ги зауздува големите води, која ги скротува бездните, и го задржува бесот на морските бранови, денес сипа вода во леген, и Господарот ги мие нозете на своите слуги.
Господарот им дава пример на смирение на учениците: Оној што небото со облаци го покрива, со крпа се препашува и колената ги преклонува, на слугите да им ги измие нозете; Он, во чии раце е дишењето на сѐ што постои.
Песна 6
Ирмос: Крајната бездна гревовна ме обзеде и, не поднесувајќи ги повеќе брановите, како Јона Ти викам: Господи, од гнилежот изведи ме.
О ученици, вие ме именувате Господ и Учител! И навистина тоа сум, си викал, Спасителе. Затоа, подражавајте го примерот што во Мене го видовте.
Оној што нема скверна, нема потреба од миење на нозете. И вие, ученици, чисти сте, но не сите, зашто во овој миг еден од вас во своето лудило мисли да ме предаде.
Кондак, глас 2.
Подобен: Барајќи ги горните:
Откако предавникот зеде леб во рацете, скришно ги пружа и ја прима цената на Оној што со свои раце го создал човекот, и Јуда остана непоправен слуга и измамник.
Икос: Да се доближиме сите со страв до тајната трпеза и со чисти души да го примиме лебот, останувајќи со Господа.
Да видиме како им ги мие нозете на учениците, а и ние да направиме како што гледаме, покорувајќи се еден на друг, и еден на друг нозете миејќи ги, зашто Христос така им заповеда на Своите ученици, но Јуда – слугата и измамник, не слушна.
СИНАКСАР
Стихови за миењето на нозете:
Бог, Кој некогаш го вознемири рајот додека одеше низ него во приквечерината,
Вечерта на Велики Четврток доаѓа да им ги измие нозете на учениците.
Стихови за Тајната вечера:
Вечерата е двојна: една е Пасхата на законот;
Втора е Новата пасха – Телото и Крвта на Господа.
Стихови за Првосвештеничката молитва:
Молитва и страв, пот од крв на лицето Христово, смрт,
А со тоа го прелажува ѓаволот.
Стихови за предавството:
Зошто доаѓате со ножеви и стапови да Го барате,
Оној што сака да умре за избавување на светот?
Во светиот и Велик Четврток, како што ни пропишаа светите отци, според Преданието што го примија од божествените апостоли и од светите Евангелија, ги празнуваме овие четири настани:
миењето на нозете, Тајната вечера, свештената молитва и предавството Јудино.
Бидејќи еврејската пасха требаше да биде жртвувана во петокот, беше погодно вистината да биде во согласност со сликата, односно во истиот ден да биде жртвуван и Христос, нашата Пасха.
Поради предвидување, како што велат божествените отци, Господ наш Исус Христос ја извршува во четврток навечер, бидејќи таа вечер и целиот ден од петокот Евреите го сметаат за еден ден и го именуваат ноќеденство – никтимерон (од едно заоѓање на сонцето до другото заоѓање).
Тоа е причината поради која Он, со Своите ученици, ја изврши тогаш Пасхата според Законот, како што велат некои, меѓу кои и божествениот Златоуст.
Прво, стоејќи простум и препашани, обуени во сандали, со стап в рака, запазувајќи ги и сите други прописи на законот, за да не се остави впечаток дека го прекршуваат.
Оваа Пасха ја подготви Зеведеј, зашто стомната со вода ја носеше тој, како што вели Великиот Атанасиј, иако некои други за ова зборуваат поинаку.
Потоа, откривајќи им на своите ученици едно посовршено славење, Господ ја востановува тајната на нашата Пасха, во горната одаја, кога ноќта веќе беше настапила, зашто е речено:
„Кога настапи вечерта, Он седна на трпезата со дванаесетте.”
Видете, Ова не беше Пасхата на Законот, бидејќи се седнува на трпеза приготвена од леб и вино, додека порано била со печено месо и со бесквасен леб.
Пред почетокот на вечерата (вака зборува божествениот Златоуст), Он станува од трпезата, ја остава Својата горна облека и става вода во леген, Самиот правејќи сѐ, за да го посрами Јуда, но и за да ги потсети другите апостоли да не бараат старешинство, како што тоа го покажува по миењето на нозете, велејќи:
„Кој сака да биде прв, нека биде последен”,
давајќи се Себеси за пример.
Се чини дека Христос најнапред му ги измил нозете на Јуда, кој без срам беше го зазел првото место.
На крајот доаѓа до Петар. Но овој, бидејќи најревносен од сите, Му забранува, но на крајот пак Му дозволува да му ги измие нозете.
Откако им ги изми нозете и покажа колку високо можеме да се издигнеме преку смирението, ги зеде повторно Својата облека и Своето место на трпезата, ги поучи да се сакаат еден друг, но да не бараат старешинство.
И додека јадеа им го навести предавството.
Бидејќи тие се вознемирија поради тоа, Исус му рече само на Јована, тајно:
„На оној што ќе му дадам едно парче леб, откако ќе го натопам, тој е оној што ќе ме предаде.”
Ако Петар знаеше на кого се однесуваат овие зборови, тој ќе го убиеше Јуда, бидејќи беше најревносен од сите.
Или пак: „Оној што ќе ја стави раката своја во чинијата…”, бидејќи се среќава и едното и другото.
По малку време, зеде леб и рече:
„Земете, јадете”, а слично и со чашата:
„Пијте од неа сите, ова е крвта Моја на Новиот завет…ова правете го во мој спомен.”
Ова правејќи го, и Он јадеше и пиеше со нив. Забележете добро, дека лебот (квасен) го именува Свое тело, а не бесквасниот леб (азим).
Нека се засрамат оние што принесуват бесквасни лебови за бескрвната жртва.
По лебот, сатаната влезе во Јуда; ако порано само го искушуваше, сега конечно се всели во него.
Кога излезе, тој се договори со првосвештениците да им го предаде за триесет сребреника.
По вечерата, учениците отидоа на Маслиновата Гора, во една градина, наречена Гетсиманија. По некое време, Исус им рече:
„Оваа ноќ сите вие ќе се соблазните поради Мене.” Петар му рече: „Макар и сите да се одречат од Тебе, јас нема да го сторам тоа.”
А беше доцна, односно длабока ноќ. Исус повторно му рече:
„Пред да запее петелот двапати, ти ќе се откажеш од Мене трипати.”
Така и се случи. Од ова Петар го обзеде голем страв. На овој начин Бог му ја покажа слабоста на неговата природа, но истовремено, бидејќи сакаше да му ја довери сета вселена, Он сака да му даде на знаење дека целиот свет има иста природа, и дека тој (Петар) треба да се покаже милостив кон грешниците.
Впрочем, тројното Петрово одречување ги претставува гревовите на сите луѓе против Бога.
Пред се, заповедта што ја прекрши Адам; потоа прекршувањето на Пишаниот закон; на трето место, прекршувањето на заповедите на воплотеното Слово.
Но, Спасителот го исцели со тројното покајание. Затоа Он му рече трипати: „Петре, ме љубиш ли?”
Потоа им рече на учениците (покажувајќи им ја Својата човечка природа, бидејќи смртта е страшна за сите):
„Душата моја смртно е нажалена.”
Потоа се оддалечи малку, колку што со камен може да се дофрли, се помоли трипати и рече:
„Оче Мој, ако не е можно да Ме одмине оваа чаша, да не ја пијам, но нека биде волјата Твоја.”
И пак:
„Оче, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша!” Од една страна, Он го вели ова како човек, но од друга страна Он вешто го отстранува ѓаволот со цел, овој последниов, мислејќи дека има работа со човек кој се плаши од смртта, да не прави пречки на тајната на Крстот.