Братот:

„Оче, ти рече дека љубовта спрема секој човек треба да ја претпочитаме над сѐ што е видливо, па дури и над самото тело.

Но, како можам да го сакам оној што не ме сака мене, та дури и оној што ме мрази и што не сака да ме види?

Како можам да го сакам оној што ми завидува, што ме клевети, што ми поставува замки, што се обидува да ми направи зло, – како можам да сакам таков човек?

Оче, мислам дека јас, само co моиве природни сили, не можам да го издржам ова, зашто самото страдање нѐ тера да го мразиме оној што ни ги причинува страдањата.”

Старецот:

„Да, ова е неможно за ѕверовите и за лазачите, за оние што се раководат co својата природа; тие не се во состојба да не се одмаздуваат за злото што им е направено.

Но, за оние што се создадени по Божјиот образ, кои се раководат co својот разум, кои се удостоени да Го познаваат Бога и да го примат Неговиот закон, – можно е да ги сакаат луѓето што им прават зло, и што ги мразат.

Затоа Господ вели:

,Љубете ги непријателите свои,

благословувајте ги оние што ве колнат,

правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат’ (Матеј 5, 44).

Господ ни го заповеда кажаното, не како неможно, туку како можно; инаку не би ги казнувал оние што не ја извршуваат оваа заповед.

А дека ваквата љубов е можна на дело ни посведочиле и Господ и Неговите ученици, кои од љубов спрема ближниот се подвизувале дури и до самата смрт.

А искрено се молеле и за оние што ги убивале.

Ние пак, бидејќи ги сакаме земните и сластољубивите работи и ги претпочитаме пред оваа Господова заповед, токму затоа што нѐ мразат;

и не само тоа, туку често од љубов кон земните работи – не ги љубиме дури и оние што нѐ љубат, покажувајќи се на тој начин полоши и од самите ѕверови и лазачи.

Заради тоа, не можеме да Го следиме Господа, не можеме ни да ја познаеме Неговата цел, за да можеме оттаму да придобиеме сила за извршување на оваа Негова заповед.”

Пренесено од книгата ДОБРОТОЉУБИЕ Том III
Свети Максим Исповедник

Претходна статија„Зашто, мнозина се повикани, а малцина избрани.” (Омилии)
Следна статијаКога очите немаат срам, тогаш и рацете не се заврзани…Св. Максим Исповедник